НЕУМОРЕН ВОЛОНТЕР: Кумановец седум дена во неделата волонтира за својот град
Објавено во: Македонија 15 Февруари, 2017
Јусуф Љатифи, претседател на здружението „Кумановски акцијаши“ од Куманово е синоним за тоа како еден човек може целосно да се посвети и седум дена во неделата да работи за поубав град, подобра средина, и похумано општество. Љатифи по завршување на своите професионални обврски волонтира, а често пати во активностите ги ангажира и членовите на неговото семејство. Помагаат на поплавените, на социјално – загрозените, па се до ревитализирање на терените во градот кои се запуштени. Но, неговиот труд не останува незабележан во средината каде живее.
Фактор: Кога за првпат почнавте да волонтирате?
Кога ќе се навратам на моите почетоци, па се до ден денеска, волонтеризмот ми доаѓа како професија. Зошто? Уште како дете на неполни осум години започнав да волонтирам, моите почетоци се во далечната 1970 година и од тогаш во континуитет волонтирам во различни форми и области. Што се однесува до здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“ чиј претседател сум, ние како неформална група работевме од ноември 2014 година, па се до официјалното основање на 20 април 2015 година, како невладино, мултиетничко и непрофитно здружение на доброволно здружени граѓани од сите возрасти, основано заради афирмација на традициите на работните акции, вредностите на доброволното ангажирање и волонтерската работа во сите области на општественото живеење.
Фактор: Како дојдовте на идеја за формирање на едно вакво здружение?
Имајќи во предвид дека не сум човек кој може да мирува,секогаш во потрага по нешто ново, и од секогаш сум бил за конретна работа,така да како акцијаш,учесник на некогашните младински работни акции и од искуството кое го имав во некогашниот Младински центар за еколошко хуманитарни иsтражувања „Јавор“ во кој формирав еколошка бригада „Јавор“, одлучив да направам еден нов вид на волонтерско организирање препознатливо, прифатливо за сите генерации, каде што знак на распознавање ќе ни биде доброволната волонтерска работа во сите области на општествениот живот. Не ми беше тешко, седнав и ги напишав Статутот, програмата, правилата за организирање и секако регрутирав акцијаши ветерани и млади волонтери и го основавме здружението.
Фактор: Колку акции имате направено досега и за каков тип на акции се работи?
Во текот на досегашното работење реализирани се над 17 различни активности и тоа „засега“ еколошки и хуманитарни ( иако не сме ограничени со области на дејствување). Оние еколошките се во сферата на поттикнувањето на еколошката свест кај граѓаните каде што најзначаен е проектот „Куманово 2016“ кој го реализиравме во соработка со ЈП „Чистота и Зеленило“, а под покровителство на градоначалникот на општината Куманово. Од солидарно-хумана област секако тука е нашата веќе традиционална хуманитарна акција „Биди хуман и подари“, потоа солидарна работа помош во Краљево, Република Србија каде што нашите волонтери-акцијаши работеа на отстранување на последиците од поплавите, и секако нашето активно учество на расчистување на теренот во поплавеното подрачје на Скопје каде што бевме званични претставници на општина Куманово, односно покровител ни беше општината Куманово. Инаку за сите наши конкретнин активности на терен го добивме најголемото општинско признание НОЕМВРИСКАТА НАГРАДА за 2016 година.
Фактор: Која е целта на волонтирањето според вас?
Целта односно мотивот за волонтирање е различен кај секоја личност.Основно ова би биле едни од целите за волонтирање:Волонерите сакаат да им помогнат на другите, да се чувствуваат корисни. Сакаат да учат и да се здобијат со искуство, да ја развијат и да ја истражуваат сопствената сила . Волонтерската работа им дава можност да се изразат и да добијат поддршка и разбирање. Потребно им е безбедно место каде што ќе бидат прифатени такви какви се. Сакаат да го подобрат своето искуство и да го понудат на општеството. Сакаат да бидат дел од една група или заедница, да се запознаат со луѓе со слични размислувања, да се приклучат на врсниците и да го почувствуваат чувството на припадност. Уживаат во пријателствата, волонтерството е забавно, сакаат да патуваат, да научат нови јазици и да се запознаат со нова култура.
Фактор: Вие лично одвојувате многу време за волонтерски активности. Од 7 дена во неделата, колку време одвојувате за волонтирање?
Прашање за кое нема друг одговор од она од 7 – 7.Во секоја смисла сите денови во неделата сум волонтер, немам одредено време,сепак јас сум прв човек на здружението и како таков во секој миг сум со здружението,интересно ми е, не е тешко и напорно, со задоволство своето време му го посветувам на здружението. Да не биде чудно, јас и моето семејство по потреба комплетно го ангажирам во животот на здружението.
Фактор: Има ли кај нас интерес за волонтирање?
Да,интерес има,по презентациите кои ги организираме се гледа дека има интерес,што е добар знак за сите нас кои се занимаваме со ова област.Затоа и секој од нас мора малку повеќе да поработи на едуцирање на волонтери, аниматори кои ќе ги прифатат тие нови волонтери и со заеднички сили да креираaт и творат.
Фактор: Ви се приклучуваат ли нови членови?
На мое задоволство,да, во некои средини масовно,моментот тој тренд се задржува.Покрај оној дел на членството, задоволен сум и на се поголемиот број на наши симпатизери кои се подготвени да се вклучат во нашите активности.
Сања Атанасовска