Добивај вести на Viber
Само за пет месеци, од јуни до октомври од списоците на невработени од Агенцијата за вработување биле избришани близу 38 300 лица. Операцијата за бришење на лицата што нема да ја запазат процедурата за задолжително пријавување во точно утврден тајминг на шалтерите во Агенцијата – продолжува. Од почетокот на оваа година, месечно се бришеа и по повеќе од 8 000 лица.
Истиот месец, во октомври, пак биле регистрирани нови 9 124 нови невработени. Токму оваа бројка на новопријавени невработени е рекордна од почетокот на годинава.
Во исто време владата не отстапува од уште еден модел што треба да ги “проветри“ списоците на невработени а тоа е нивната поделба на “активни“ и пасивни баратели на работа.
Дали со вакви административни мерки може да се промени сликата за невработеноста и сиромаштијата?
„Прашањето со невработеноста е многу важно и преземањето мерки за нејзино намалување треба да се темели на реална евиденција на невработените лица. Таа е потребна и за креирањето на активните политики за вработување, со цел програмите да се насочат кон оние на кои им се потребни“, изјави министерот за труд и социјална политика,
Спиро Ристовски.
На невработените им се нуди работа, но тие одбиваат – тврди
Влатко Поповски директор на Агенцијата за вработување.
„Многу малку од невработените прифаќаат вработување што им се нуди преку Агенцијата, иако местата што им се нудат се соодветни на нивните знаења и вештини“, вели Поповски.
Стасуваат новите академски граѓани - невработени
Во операцијата да се селектираат невработените, поранешната директорка на Агенцијата за вработување
Биљана Јовановска препознава обид да се подготви теренот за еден нов бран на невработени – генерацијата на новите академски граѓани што државата ги стимулираше да завршат високо образование.
“Помина периодот и од тие 5 години за студии, голем дел од младите дипломираа и магистрираа па неизбежен е периодот до крајот на оваа година тие преку евидентирање како невработени во Агенцијата за вработување од Владата да го побараат ветеното и уставно право на работа “ – вели Јовановска.
Според опозицијата ова е обид на власта само административно да ја намали невработеноста. Дел од бизнисмените пак се сомневаат дека мерката ќе даде реални ефекти. Претседателот Стопанската комората на Северозападна Македонија,
Мендерес Кучи, дури и предупреди на можна неуставност на овие решенија
“Сегашната владина мерка треба да помине низ многу филтри за да го даде конечниот ефект, вака концептуално, јас мислам дека се коси со Уставот, затоа што при една диплома што ја има некој човек, ние истиот ќе треба да го деградираме . Мислам дека ќе направиме неправда кон луѓето и затоа треба внмателно да се разгледа ова прашање“ - оцени неодамна Кучи.
Што предвидува законот?
Според владиниот модел што треба да направи филтрација на “активните“ и “пасивните“ баратели на работа во игра се три сценарија :
1. Невработен до 12 месеци – ќе му се понуди соодветна работа. Тоа значи ангажман соодветен на образованието , но во исто време законот предидува и работното место може да биде оддалечено и до 2 часа патување , или ако невработениот живее во Скопје , треба да прифати понда за работа, на пример во Кичево, и обратно. Превозот може да биде јавен ( државен ) или да го организира работодавецот .
2. Невработен од 12 до 24 месеци ќе добие понуда за – погодно вработување. Во ова второ сценарио - ќе биде понудена работа што е за еден степен пониска од образованието и вештините на невработениот. И тука важат правилата за превоз до 2 килметри оддалеченост на работното место .
3. Невработен повеќе од 24 месеци – понудата нема да биде ниту за соодветно, ниту пак за погодно вработување, туку ќе му биде понудена “друга“ работа. Доколку ја одбие – се брише од списокот на официјално невработени и оди на листата пасивни баратели на работа.
Според последните мерења на ститистичарите , стапката на невработеност, односно бројот на невработени се зголеми со почетокот на оваа 2012 – и се приблжи до 32% . Анализирано во структурата на невработените дури 66% од нив во евиденцијата на невработените се повеќе од 2 години. Според националната припадност, како апсолутна бројка , најмногу невработени се Македонците, потоа следуваат Албанците, Ромите и Турците.
Редакција Фактор