Невработеноста е предизвикана од неусогласеноста на образовниот систем со пазарот на труд
Објавено во: Економија 06 Јули, 2013
Најтешко до работа во Македонија доаѓаат економисти, правници, социјални работници и психолози, а најбргу се вработуваат инженери, програмери, информатичари и фармацевти. Образовниот систем не е услогласен со пазарот на труд, објавува „Дојче Веле“.
Во евиденцијата на Републичката агенција за вработување голем број невработени има и од следните профили на занимање: професор по одделенска настава на македонски јазик, дипломиран учител, професор за предучилишно воспитување, дипломиран менаџер по туризам и угостителство... Гимназијалците се најбројни кај невработените со завршено средно образование, а потоа следат економските, земјоделските, конфекциските, ветеринарните, угостителските техничари ...
Од оваа агенција за ДВ велат: Кога станува збор за профили кои се барани на пазарот на трудот, работодавачите искажале потреба и за работници за следните занимања: електроинженер за пренос и распределба на електрична енергија, инженер-технолог за прехранбени производи, архитект, графички дизајнер, машински техничар, градежен техничар за високоградба, медицинска сестра со положен државен испит... Ѕидарите, пекарите, браварите, шивачите, готвачите, заварувачите и армирачите се постојано барани на пазарот на трудот.
„Се создава цела армија млади маргинализирани лица“
Зошто доаѓа до ситуации млади луѓе да инвестираат 4 – 5 години од својот живот и повеќе илјади евра за да дојдат до одредена диплома, било од средно училиште, било од факултет, а потоа да сфатат дека за нив нема работа како такви профили?
Љупчо Печијаревски, социолог и експерт за економика на работната сила и управување со човечки ресурси од државниот Економски факултет во Прилеп, коментира: „Се создава цела армија на маргинализирани млади граѓани, кои го дале својот максимум во својот тогашен интелектуален развој, завршувајќи определено високо образование и инвестирајќи во сето тоа материјални средства и интелектуален труд. Но, без никаков ефект. Тоа е лична драма и личен проблем и зборува за голема неефикасност на постојниот економски систем. Децентрализацијата на високото образование, спроведена со најдобри намери пред неколку години, создава несоодветни кадри за кои пазарот на труд нема потреба.“
Од Агенцијата за вработување се констатира: „Неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд, која е присутна подолго време, е една од причините за потребата за преквалификација на постојната работна сила. Тоа е еден од главните предизвици на политиката за вработување.“
Печијаревски се надоврзува: „Намалувањето на невработеноста може да се постигне само со порадикални реформи на економскиот систем, која треба да биде логистички поткрепена со реформи на правниот и образовниот систем. Тоа ќе води кон поволен макроекономски амбиент. Од големо значење е да дојде до усогласување меѓу профилите кои ги бара пазарот на трудот и кадрите што ги создава високообразовниот систем.“
Агенцијата за вработување, како што се вели во изјавата на оваа институција, презема активности „насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работната сила“:
Во Македонија сега, според тврдењата на државните институции, има околу 225 илјади невработени лица, но експертската и економската јавност сметаат дека реално има повеќе од 300 илјади. Кога ќе се земат предвид сознанијата на Меѓународната организација на трудот и на други релевантни меѓународни организации дека младите во државата во последните неколку години учествуваат со дури 53 – 55 отсто во вкупниот број на невработени, тогаш може да се согледа сета алармантност на ситуацијата во која е наоѓа младата популација.