НИКАКО ДА ЗАКРЕПНАТ ОД КОРОНАТА, ДОБРО Е ШТО УШТЕ ИМА „АЗНО“ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА ЗАГУБИТЕ - еве што одлучи некогаш познатата скопска хотелиерска компанија
Објавено во: Економија 02 Јули, 2024
Лошо е што има загуба, но добро е барем кога има од каде да се покрива. А тоа ќе бидат акумулирани добивки од претходни години.
Некогашната скопска хотелиерска гордост, Континентал, а сега Интернешнел хотелс, минатата година ја завршила со негативен финансики резултат, и тоа на сума од 50 илјади евра.
Според годишната сметка која вчера ја усвоиле акционерите на Собрание, компанијата повеќе потрошила отколку што остварила приходи.
Односно, приходите изнесуваат 1,15 милиони евра, но затоа, пак, расходната страна тежи бвлизу 1,20 милиони евра.
Во годишната сметка е наведено дека остварената добивка пред оданочување, камати, амортизација и отпис изнесува 145 илјади евра, но после каматите и амортизацијата, фирмата прикажува загуба од близу 50 илјади евра.
Акционерите, сепак, нашле „лек“ за ваквата негатива за еден од најстарите хотели, кој на времето беше симбол за урбаното скопско живеење, а тоа е таа да се покрие од акумулирана добивка од претходни години.
„Собранието на акционери на Интернешнел хотелс АД за хотелиерство и угостителство Скопје, по утврдувањето на загубата остварена во деловната 2023 година, одлучи искажаната добивка да се покрие од акумулираната добивка од претходни години“, се вели во одлуката која ја донеле акционерите на вчерашното собрание.
На вчерашната сесија тие донеле и одлука да се одобри работењето на членовите на Одборот на директори, и тоа на претседателот Адриан Џон Денис Рабет, потоа на Ендру Стуарт Џорџ Таусенд, кој е независен и неизвршен член, на Тони Иванов кој е неизвршен член, како и на Л Емир Хабиб Зогби, кој е извршен член на Одборот на директори.
Инаку, ако друштвото ги покрива загубите од акумулирана добивка од претходни години, тоа сигурно се позитивни финансиски резултати остварувани пред 2021 година, бидејќи во последните три години компанијата постојано има загуби и тоа поголеми од минатогодишната.
Па така, во 2021 година загубата била 165 илјади евра, а во 2022 година таа била уште повисока и изнесувала близу 300 илјади евра. Така што ланската загуба од 50 илјади евра дури е и „добра“ во однос на претходните две години.
Лошите бројки на ова АД почнаа уште во 2020 година, кога корона кризата безмилосно го нападна хотелиерскиот бизнис, а еве како што гледаме „Интернешнл хотелс“ не може да закрепне од тој удар ниту по три години.
Најголем акционер на оваа компанија е KINGSWOOD MANAGEMENT LTD, кои поседуваат 68,56 отсто од акциите, додека, пак, помали проценти под 10 отсто имаат SILVER WINGS FINANCE LIMITED, MINERVA TRUST COMPANY LIMITED, како и INTERNATIONAL HOTELS WORLDWIDE INC, а сопствени акции поседува и самата компанија.
Н.Н.Ф.