Никој не смее да го тужи Богоевски за сведочењето, стигна писмо од САД
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2016
Американската федерална комисија за хартии од вредност испратила писмо во кое се посочува дека екс разузнавачот Слободан Богоевски не смее да биде заплашуван и тужен за исказот кој го дал како сведок пред американските федерални судски органи.
„Во Соединетите американски држави, сведок што се повикува да сведочи во судска постапка не се става во опасност од парница за клевета. Американскиот правен систем признава дека едно независно судство не може да функционира ако сведоците можат да бидат заплашувани поради тоа што дале изјава. Во овој случај, не постои сомнеж дека Вашата изјава беше дадена во судска постапка и заслужува соодветна заштита“, се вели во писмото од американската Комисија за хартии од вредност.
Богоевски пред денешното судско рочиште посочи дека ќе покрене кривична постапка токму за ова прашање бидејќи е незаконски да биде тужен за клевете за изјава која ја дал како сведок. Инаку Али Ахмети и Муса Џафери го тужат во граѓанска постапка за клевета и бараат оштета од 2.5 милиони денари.