29 Март, 2024
0.0290

Нов „пожар“ во руската сфера на влијание

Објавено во: Свет, Колумни 03 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Неделава што измина дојде до заострување на ситуацијата на границата меѓу Таџикистан и Киргистан, некогашни федерални единки во СССР, проследено со истрели. Неколку десетици војници и цивилно население од двете страни на границата загинаа, а стотици се ранети. Благодарение на дипломатските напори, од петокот наваму на границата владее примирје и не се дозволи да се појави нов воен пожар во руската сфера на влијание во Централна Азија. Барем засега.

Распадот на Советскиот Сојуз си носи последици, како при  распад на секоја држава. На пример распадот на бивша Југославија, кој беше проследен со стотици илјади загинати. Неодамна во Нагорно Карабах се водеше војна меѓу Азербејџан и Ерменија. За нешто повеќе од еден месец загинаа илјадници луѓе. И таа војна беше последица од распадот на СССР. Главно, поводите за војните се маргинални, но причините подлабоки. Битка за територии. Ако може да се етнички чисти.

Така беше и минатата недела. Проблемите со водата за наводнување од една акумулација,која ја користат и двете држави, на почетокот на сезоната на активни земјоделски работи, од меѓучовечки конфликт прераснаа во меѓудржавен. Се’ почнува со камења и мали оружја, а завршува со минофрлачи, тенкови и авиони. Вината се префрла од еден на друг.

Тоа беше поводот за конфликтот, но причината е подлабока. Меѓу Киргистан и Таџикистан се протега граница долга речиси илјада километри, или поточно 972 километри. Од осамостојувањето на двете држави досега таа граница не е делимитирана, ниту усогласена во целост. Официјално меѓу двете држави се утврдени 519,9 километри од границата. Се друго е спорно. Згора на тоа на териториите на близу границата има енклави од Таџикистанци или Киргистанци, кои некаде бројат и по неколку десетици илјади жители.

Според некои извори на заедничката граница меѓу Киргистан и Таџикистан спорни се 70 делови, поради кои меѓу локалните жители и граничарите од двете земји постојано се случуваат тепачки. Но и со човечки жртви. Од 2010 година наваму на границата меѓу двете земји се фиксирани над 150 инциденти. Границата минува сред села, маала, ниви...Процесот на утврдување на границата е почнат во 2002 година, ама кон крајот на декадата сопрен. Тешко се наоѓале  правни основи за разграничување на спорните делови на раницата. Зад оваа фраза се крие фактот дека Киргистан кон работата приоѓа со карти на границите од 1958 и 1959 година, а Таџикистан се повикува на карти од 1924 до 1939 година!

ИМПОТЕНТЕН КАРАКТЕР

Претседателите на Киргистан и на Таџикистан, Садир Жапаров и Емомали Рахмон ги кренаа телефоните по конфликтот и соопштија за „многувековно пријателство и добрососедство меѓу народите“. Но проблемите остануваат. Сега ќе се формираат нови комисии и ќе се сретнуваат  и претседателите. Ставот на Русија е дека без долгорочни решенија, во прв ред оние кои се однесуваат на демаркацијата и делимитацијата на границата меѓу двете земји, ќе нема траен мир во регионот.

Токму одовде почнуваат и проблемите за Русија. Потрагата по траен мир во регионот. Москва го поздрави договорот за прекин на огнот. Димитриј Песков, прес-секретарот на претседателот Владимир Путин, изрази надеж дека прекинот на огнот ќе биде стабилен и со него ќе се овозможи во иднина на нема такви инциденти. Песков нагласи дека Путин  секогаш е подготвен да игра посредничка улога  во решавањето на остри проблеми, а својата ефикасност не еднаш ја докажал. Во руското министерство за одбрана се уверени дека не треба да се има страв од сериозен воен конфликт.

Но од Москва се слушнаа и зборови на загриженост. Експертот за Средна Азија, Аркадиј Дубнов за „Комерсант“ вели дека: „Загриженост предизвикува тоа што борбените дејства почнаа во истиот ден кога во Душанбе(главниот град на Таџикистан) се одржуваше заседание на секретарите на советите за безбедност на земјите од Организацијата од Договорот за колективна безбедност“. Во таа организација покрај Русија, се и Таџикистан, Киргистан, Белорусија и Ерменија. „Очигледно, кога тие расправаа за безбедноста, поврзана со заканите од други држави, ним сосема им било неинтересно што се случува на 100 километри од Душанбе. Според мене, ОДКБ уште една го покажа својот импотентен карактер како структура повикана да ја осигурува безбедноста на своите членови“, додаде Дубнов. Кај него има сомнеж дека Таџикистан се подготвувал за воена активност. Како и да е, Дубнов смета дека е важно што брзо е постигнат договор за прекин на непријателствата.

НЕСКРИЕНИ АМБИЦИИ НА КИНА

За Средна Азија се искажани многу зборови. Во време на СССР, Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност на претседателот Џими Картер, сметаше дека тој што ја има Средна Азија тој ќе биде и главен во светот. До ден денес многу земји сакаат да доминираат со овој дел на светот. Во моментов Русија има големо влијание, но не доминира. Амбиции покажуваа и покажуваат и САД, иако неславно се повлекуваат од Авганистан. Тие сега се насочени кон Иран. Нескриени амбиции има и Кина, колку и да е стратешки партнер на Русија. Таа има проекти и пари. Во деновите на конфликтот меѓу Таџикистан и Киргистан се јави и Иран со понуда за помош во решавање на конфликтот. Помош понуди и ЕУ. Нормално не заостана ни Турција. И таа понуди помош.

Сега во Средна Азија на Русија најмалку и треба воен судир меѓу земји кои се во нејзината сфера на интерес. Зашто огнот може брзо да се прошири. А уште полошо е ако е подметнат од надвор. Во тие земји на власт се корумпирани елити. Емомали Рахмон е начело на Таџикистан од 1994 година. Во Киргистан неодамна беше сменета власта. Дури и Русите беа изненадени како се случи тоа. На власт дојде Садир Жапаров, популист, благодарејќи на протестите против проруски настроениот претседател , поради корупција. Евроазискиот Сојуз никако да заживее во вистинска смисла на зборот. И тогаш се јавува Кина. Гладни за пари земјите од Средна Азија не гледаат дека паѓаат во зависност од Кина. Што со кинески инвестиции во доходовни гранки, што со кредити за инфраструктурни објекти.

Посебна приказна во се’ ова може да биде Турција. Таа се покажа во војната меѓу Азербејџан и Ерменија. Русија таму не можеше да ја оттргне од својата сфера на влијание. Па Анкара се наметна, преку Азербејџан, како фактор, засега само на Кавказот. Но со амбиции да оди во Средна Азија, и ако може да дојде до границите на Кина. На тој план ќе му треба на Владимир Путин посебна желба да ја „убие“ амбицијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Да не дозволи да се случи како со Азербејџан, па Турција да се наметне и во Киргистан или Таџикистан или во двете земји.

Затоа треба да се учи од минатото, дека Русија нема пари како Советскиот Сојуз да ги „храни“ сојузниците. Кина и Западот даваат пари, онаму каде што имаат интерес, да ги направат земјите зависни од нив. Русија тоа не го умее. Таа умее да нуди оружје. Кога и даде на Украина кредит три милијарди долари во 2014 година, се случи Мајдан, па до ден денес не може да си ги поврати. Пред некое време и даде голем кредит на Белорусија, па прашање е кога ќе го наплати. Уште повеќе ако се знае дека Лукашенко не е партнер за верување. А не се знае и до кога ќе владее.

Колку и да не е за верување, можеби од најголема помош на Путин ќе му биде скорешната средба со Џо Бајден, за која велат дека се подготвува. Ако се договорат Бајден и Путин околу своите национални интереси, тогаш ќе зборуваме за нова ера во меѓународната политика. Па Русија полесно ќе дише и на Средниот исток и во соседството. И воопшто ќе има повеќе време да се посвети на земјите од својата сфера на влијание. Барем да нема нови пожари.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ПОФАЛИ НАПАДОТ ВО МОСКВА: Oбјавија кои ќе бидат нивните следни мети

ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ПОФАЛИ НАПАДОТ ВО МОСКВА: Oбјавија кои ќе бидат нивните следни мети

ХРАБРА ЖЕНА: Самохрана мајка има два факултети, 2 работни места и пет деца

ХРАБРА ЖЕНА: Самохрана мајка има два факултети, 2 работни места и пет деца

ДЕТАЛИ ЗА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДАНКА: Под куќата на семејството Илиќ има големи тунели од рудник

ДЕТАЛИ ЗА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДАНКА: Под куќата на семејството Илиќ има големи тунели од рудник

ЕДЕН ОД УАПСЕНИТЕ ЗА НАПАДОТ ВО МОСКВА ПОДНЕЛ ЖАЛБА: Тврди дека е невин

ЕДЕН ОД УАПСЕНИТЕ ЗА НАПАДОТ ВО МОСКВА ПОДНЕЛ ЖАЛБА: Тврди дека е невин

ЗОШТО РУСИЈА ПОТФРЛИ ЗА НАПАДОТ: Москва не им верува на Американците?

ЗОШТО РУСИЈА ПОТФРЛИ ЗА НАПАДОТ: Москва не им верува на Американците?

КЕЈТ МИДЛТОН НЕ ОТКРИ ДЕТАЛИ: Дали се работи за ран канцер на јајници?

КЕЈТ МИДЛТОН НЕ ОТКРИ ДЕТАЛИ: Дали се работи за ран канцер на јајници?

ТАЏИКИСТАНЕЦ ДАЛ ПОДДРШКА НА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Лицето е уапсено во Санкт Петербург

ТАЏИКИСТАНЕЦ ДАЛ ПОДДРШКА НА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Лицето е уапсено во Санкт Петербург

Од 1 април во Германија се менуваат условите за добивање родителски додаток: Овие граѓани повеќе нема да имаат право на надомест

Од 1 април во Германија се менуваат условите за добивање родителски додаток: Овие граѓани повеќе нема да имаат право на надомест

„АЕРОДРОМИТЕ ОД КОИ ПОЛЕТУВААТ АВИОНИТЕ Ф-16 ЌЕ БИДАТ НАША ЛЕГИТИМНА ЦЕЛ“ - Путин тврди дека не планираат војна со НАТО

„АЕРОДРОМИТЕ ОД КОИ ПОЛЕТУВААТ АВИОНИТЕ Ф-16 ЌЕ БИДАТ НАША ЛЕГИТИМНА ЦЕЛ“ - Путин тврди дека не планираат војна со НАТО