Добивај вести на Viber
САД објавија листа на 10 лица и две организации означени како глобални терористи, на која се наоѓаат и Нусрет Имамовиќ - лидер на вехабистичкото движење во Босна и Херцеговина и Лавдрим Мухаџери - косовски Албанец, борец во редовите на Исламската држава.
Списокот е објавен на интернет страницата на американскиот Стејт департмент. За Имамовиќ, лидер на најголемата босанска вехабистичка организација во Горња Маоча, кај Брчко, се истакнува дека заминал во Сирија, каде што се верува дека се бори за фронтот Ал Нусра.
За Мухаџери, пак, неодамна се појавија информации дека загинал во борбите за Исламската држава, но тие информации не се потврдени, а џихадистите тврдат дека тој уште е жив.
На „црната“ листа на САД се наоѓаат поединци и групи чиј имот ќе биде замрзнат, а на американските државјани ќе им биде забрането да соработуваат со нив и да ги поддржуваат. Еве кој се се наоѓа на листата:
1. Џаиш ал Мухаџирун вал Ансар - чеченска терористичка организација, со седиште во Сирија, која соработува со Ал Нусра и Исламската држава.
2. Харакат Шам ал Ислам - мароканска терористичка организација составена од странски борци, која изведува напади заедно со фронтот Ал Нусра.
3. Амру ал Абси - еден од лидерите на ИСИЛ задолжен за киднапирања
4. Салим Беналем - француски екстремист и член на ИСИЛ
5. Мохамед Абдел Халим Хемаида Салех - член на Ал Каеда, за кој се верува дека врши напади на американски и израелски цели.
6. Лавдрим Мухаџери - косовски Албанец, борец на ИСИЛ, со место на делување во Сирија и Ирак.
7. Мурад Маргошвили - познат чеченски лидер во Сирија, кој изградил камп за обука на сириско-турската граница.
8. Нусрет Имамовиќ - терористички лидер од БиХ, кој делува во Сирија. Се верува дека се бори во редовите на Ал Нусра.
9. Муханд ал Најди - Саудиец, финансиер на Ал Каеда, кој е активен во Сирија.
10. Абдесамад Фатех - познат како Абу Хамза, член е на скандинавската екстремистичка мрежа поврзана со Ал Каеда.
11. Абд ал Басет Азуз - оперативец кој ги обучува припадниците на Ал Каеда.
12. Малим Салман - лидер на странските борци во Ал Шабаб. Тој ги обучувал странските борци кои се приклучуваат на оваа терористичка организација.
Босанските власти ветуваат дека доколку Имамовиќ се врати во земјата веднаш ќе го уапсат. Тој завршил факултет по шеријатско право во Обединетите Арапски Емирати, а од таму се вратил со цврсти радикални ставови.