Од СВП бараат пронаоѓање и казнување на оние кои ги оштетија бистите на Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга
Објавено во: Македонија 02 Октомври, 2021
По вандалскиот чин во Струга каде се оштетени бисти на двајца македонски поети, Анте Поповски и Славко Јаневски, се јави и Тодорче Тасевски, директор на Струшките Вечери на Поезијата (СВП).
Бистата на македонскиот великан Поповски била фрлена во езерото, а на Јаневски свртена наопаку. Од СВР бараат институциите да ги најдат и казнат сторителите.
„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на сквернавење на бистата на еден од најистакнатите македонски поети Анте Поповски, којашто беше откорната и фрлена во крајбрежјето. Настанот е пријавен во полиција, извршен е увид и очекуваме сторителот да биде најден и против него да биде поднесена пријава. Апелираме за елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали. Не сакаме да претпоставиме дека аналфабетите вандали што го извршија овој чин воопшто имаат претстава дека денес, на 1 октомври се навршуваат 18 години од смртта на Анте Поповски, напиша Тасевски на Фејсбук.
Додаде дека бистата на Поповски привремено ќе биде отстранета за да се извршат потребните технички зафати за нејзино поцврсто фиксирање на постаментот за да се спречат ваквите вандалски чинови во иднина, Инаку, ова не е прв пат. И претходно во Паркот на поезијата во Струга имало оштетувања на бисти на македонските поети. Поповски и Јаневски се едни од најзначајните македонски поети кои се и меѓународно афирмирани.