Од Утрински нема да се бркаат вработени, весникот да продолжи да се печати
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2016
Менаџментот на Медиа Принт Македонија со уредништвото на Утрински се договориле да нема отпуштања на вработени и новинари чиј број претходно од 36 требаше да се намали на 26. Исто така е одлучено Утрински како дневен весник да продолжи да се печати и излегува.
Самостојниот синдикат и здружението на новинари застанаа во одбрана на колегите. Тие порачаа дека финансиската ситуација во „Утрински весник“ не е одговорност на новинарите, туку на менаџерскиот тим, нивните лоши одлуки и поврзаноста со власта.
Денеска новинари од редакцијата на Вест кои претходно беа отпуштени ја окупираа канцеларијата на Срџан Керим, еден од сопствениците на МПМ, за да си ги побараат ветените отпремнини. Тие стравуваат дека ќе останат без пари откако вчера на состанок на Синдикатот со менаџментот им било посочено дека сите новинари од МПМ ќе се префрлат на платен список на „Телеграф“ за што не се сигурни како ќе се вршат исплаќањата.
Кон менаџментот на МПМ се упатени големи критики бидејќи трите дневни весници Дневник, Вест и Утрински кои се под нивна контрола претрпеа големи уредувачки и кадровски промени, а со тоа ја изгубија и верната читателска публика.