Добивај вести на Viber
Спокојството на луѓето, како зараза се пренесува на секој добро намерник што ќе дојде во оваа земја. Но, Куба веќе не е истата. Фактор ексклузивно Ви го претставува миксот на старите социјалистички навики, со мирисот на капитализмот кој доаѓа, носи многу страст кај помладите Кубанци, а многу неизвесност кај луѓето, кои целиот свој живот го минуваа со звукот на румбата, покрај воланот на старата макина, или едноставно, што би рекле ние, во неврзан муабет со соседите пред кооперација. Реформите се неизбежна иднина за земјата на Кастро.
Специјално за
Фактор од Куба,
Александар Манев
Напорно е да се стигне до Хавана. По речиси 10 часа лет пристигнуваме. Иако Куба е атрактивна земја од туристички аспект, до Хавана од Европа може да се стигне само со неколку авиопревозници, француски AirFrance, рускиот Aeroflot и со шпански или германски чартер превозници. Нејсе, чуството е речиси исто како и пред 4 години кога за прв пат стапнав во комунистичка Куба. Многумина мои пријатели и познаници ми поставуваат прашање зошто повторно Куба, покрај толку многу атрактивни дестинации на планетава. Да некои размислуваат, па на Куба е социјализам, цените се евтини и прифатливи. Смешно, мислам, во денешна ера на интернет и google лесно е да се провери дека цените во Куба се најмалку евтини и дека се е по европски цени, па дури и малку поскапо. Ке се обидам да доловам што има магично и те тера да ја посетиш Куба повторно и повторно. Промените во Куба се чуствуваат во водухот, па доволно е само да ги погледнете луѓето и веднаш гледате некој оптимизам. Но, овој пат промените се без револуција, Кубанците ги дочекуваат промените со нескриена доза на оптимизам, малку црн хумор и секако претпазливост.
Прво, со што ќе се судрите на излегување од аеродромот во Хавана е големиот број на таксисти, кои работат за државата, меѓутоа е многу лесно да се договорите надвор од регуларните тарифи, „па нели работиме за државата за 30-35 евра месечно, треба да заработиме нешто и на страна“ е првиот муабет кој ќе го слушнете. Животот на Куба е скап за локалното население. Улиците во Хавана се преполни со макини-назив кои го употребуваат за старите американски автомобили од крајот на 60-те години, тие се неизбежна глетка на секоја улица и на секоја разгледница од Хавана. Тоа е она, кое за момент ве враќа во минатото и ве тера да размислувате. Кубанците гаат посебен однос кон нивните макини кои во ова време на промени во Куба им се извор на дополнителна заработувачка, бидејќи скоро секој кубанец кој поседува вакво возило вози такси на диво, и државата тоа го толерира. Посебно се Чувствителни, тоа го почувствував и на своја кожа, кога малце посилно ке ја лупнете вратата на нивната макина. Тогаш со насмевка на лицето ке Ви укажат дека тоа ги боли. Интересно. Но, она што е забележително по 4 години повторно во Хавана е тоа дека, полека по улиците крстосуваат нови јапонски и корејски модели на автомобили од КИА, Хјундаи, а ретко може да се види и понекој германски бренд Мерцедес или Ауди кои ги возат преставниците на странските дипломатски претставништва.
Куба воведе реформи со кои Кубанците сега може слободно да купуваат и продаваат куќи и автомобили, да подигаат кредити од државните банки и легално да водат мали приватни бизниси, наместо да работат за државата, нешто што до скоро беше незамисливо и контрареволуционерно. Има најави дека од јануари 2013 Кубанците ќе може слободно и да патуваат по светот. Размислувам..., сигурно ке им биде шок на повеќемината кои досега не изглегле од Куба, првата средба со капиталистичкиот свет каде материјалното е императив. До сега, затворени во сигурниот комунизам, проследено со огромната цензура на медиумите имаа мала можност да видат што се случува во светот. Кога разговарате со Кубанците и им ги предочувате промените кои ние како туристи ги гледаме, само благо одмавнуваат и ги превртуваат очите. За нив, се додека Куба е под водство на Раул Кастро реформите ќе бидат само формални, а полемиката за нив најчеста тема за разговор помеѓу самите Кубанци. Додека за едни е огромна шанса и можност, за други промените кои се намирисуваат носат страв и неизвесност. Ги разбирам, денес не е лесно да си Кубанец.
Старата Хавана е променета и тоа е воочливо на секој чекор. Изобилство на приватна иницијатива.Половина од влезовите на зградите во стара Хавана се окупирани од нови самозапослени продавачи, мажи и жени кои стрпливо седат покрај своите импровизирани тезги и им нудат на туристите се и сешто, од сувенири, домашни колачи, па до пијалаци и сендвичи. На локалното население одамна му станало јасно дека поради постојниот систем на социјализам, перспективата за лично напредување и материјален комфор е сведена на минимум. Во разговор со нив ќе сфатите дека тие навистина и искрено ја сакаат својата земја, но за многумина излезот за подобра иднина е надвор од Куба.
Економијата на Куба е навистина во лоша состојба, државните службеници кои сочинуваат 80% работната сила на Куба се принудени поради ниските плати да работат доплнително за свој џеб, бидејки со 30 евра тешко се преживува. Типично социјалистичка филозофија на службениците во Куба е дека „државата кобајаги не плаќа, а ние кобајаги работиме“. Огромен број од нив не се бават со својата професија, бидејќи после напорни години студирање, за инженерите и лекарите поисплатливо е да возат такси отколку да работат за она што учеле. Во Хавана, мислам дека има најмногу таксисти од сите земји кои сум ги прошетал.
Но, она што Куба ја прави автентична и неповторлива е чувството кога се шетате по улиците на Хавана. Насмевки насекаде, среќни и безгрижни луѓе, а сиромашни, на кои единствената преокупација во денот им е да уживаат, пиејќи коктели и играјќи, бидејќи буквално не постои катче во Хавана каде нема некој бенд во живо кој ги забавува туристите и Кубанците. И да, Кубанците не ги фрустрира фактот што помеѓу нив, туристите опремени со најнови модели на камери, апарати, смартфони и таблети, ги фотографираат и се прашуваат како не ги интересира и како не завидуваат на мноштвото напредна технологија и гаџети. Да, тие имаат дух, она што на сите нас по малку ни фали и за што е заслужен капитализмот, кој не направи роботи без чувства каде материјалните нешта се степен за мерило на среќата.
Сте се запрашале ли, постои ли некаде во светот место, освен Куба каде децата слободно и безгрижно си играат на улиците, без страв дека може да им се случи нешто лошо, каде што здравството е достапно и бесплатно за сите, каде дрогата е измислена категорија, каде непостои рекет и улични банди, својствени за капитализмот и каде образованието е квалитетно и бесплатно за сите. Она што доплнително Ве воодушевува се старите градби и архитектура, блескавите фасади на зградите кои некогаш биле убави, а сега се препуштени на работ на времето, стојат руинирани бидејќи државата нема пари да ги санира. Сета архитектура и плоштадите во Хавана ви прават чуство дека сте во некоја европска метропола како Париз, Прага или Рим, и потсетуваат на некои времиња пред ембаргото кое е наметнато од страна на САД кон крајот на 60-те годни, кога најбогатите Американци, бројни звезди актери, уметници но и криминалци го поминувале летниот одмор тука, во времето кога Куба била престижна дестинација за богатите Американци. Си мислам, не за џабе еден од најпознатите американски новелисти Ернест Хемингвеј, инспирацијата за своите романи ја добил тука, каде поминувал најголем дел од своето време. Денеска имотот на Хемингвеј е туристичка дестинација која привлекува многу туристи и носи големи приходи во домашниот буџет. Америка која е сон за многумина тука е одалечена по морски пат околу еден час. Некои Кубанци ке ви кажат дека кога времето е ведро навечер од најпознатото шеталиште во Хавана Малекон може да се видат светилките на Мајами.
Размислувањето ми го прекинува звукот на румбата во живо од бројните кафеани кои се запоседнати од туристите кои уживаат во вкусовите на неповторливите мохито, даикири или пинеколада. Кафето и Коктелите се единствени и веднаш од кога ке се напиете еден коктел, едноставно од вашето лице ја снемува лутината бидејќи сте платиле 5 или 6 долари за еден коктел. Да и еспресото чини како да сте седеле на некој плоштад во Рим или Париз, едноставно цените се скапи. Во Хавана забавата е загарантирана 24 часа на ден. Доколку сакате одмор без ажурирање на статуси на facebook и постојано гледање на интернет, овде е правото место за Вас. Интернетот во Хавана е навистина луксуз, го има само во најскапите хотели и чини 10 долари за еден час, меѓутоа бидејќи Куба се уште нема оптички врски, брзината која ќе ја добиете е навистина фрустирачка, диал уп систем. Затоа и нема да сурфате интернет и ке се препуштите на звуците на румбата и ке увидите дека овие луѓе, иако живеат во мизерни услови, сепак добро се забавуваат и ја пренесуваат позитивната енергија. Низ улиците на Хавана ке видите дека многу семејства живеат во мизерни услови, си помислувам дека и Шутка обезбедува подобри услови, но сепак овие луѓе имаат дух, и се бегрижни. Можеби системот е креаторот на таа енергија си помислувам, бидејќи дома често слушам дека и во бивша Југославија, во социјализмот сликата на Куба сме ја имале и кај нас.
На Куба реформите се случуваат со неверојатна брзина, иако, треба да се каже, капитализмот се протнува на мала врата. Минатата година околу 150.000 Кубанци беа отпуштени од работа во државниот апарат, што до пред некоја година беше незамисливо, пред се поради спороста и големата корупција во државниот апарат. Дури со реформите е зафатена и познатата либрета, кошничката од основни намирници која следува на секое кубанско семејство , составена од млеко, шеќер и ориз. Планот за Куба е во наредниот период комплетно да се отвори и трансформира. Повеќе годишната криза на Куба , пред се после распадот на Советскиот сојуз беше катастрофална за кубанското стопанство, проследено со недотаток на гориво, струја и општа глад помеѓу населението, и сето тоа проследено со американското ембарго наметнато во 60 те години. Денеска со подршка од Венцуела, кубанското стопанство едвај преживува. Производството на шеќер, цигари, тутун и надалеку познатиот рум не е доволно да ја одржи економијата. Најголемата надеж моментално е сконцентрирана во можните пронаоѓалишта на нафта, никелот, а тука е и туризмот кој секоја година на стопанството му носи преку 2 милијарди долари. Моменталните планови за обнова на туризмот на Куба вклучуваат бројни терени за голф, аеродроми и модерни хотели од најлуксузните брендови.
Иако сеуште може да се видат паролите против капитализмот „Социјализам или смрт“, капитализмот се дише и е присутен. Но, она за што вреди да се отпатува и отиде на Куба, покрај блескавото море, белите карибски плажи, секако е и спокојството на луѓето, кое се шири како зараза на секој добро намерник што ќе дојде во оваа земја.
Фото: Фактор
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.