Добивај вести на Viber
По неодамнешниот огромен шпионски скандал меѓу Германија и САД, германските политичари размислуваат за начини на кои би можеле во иднина подобро и поефикасно да ги заштитат најважните и начувствителните документи, кои никако не би смееле да паднат во рацете на шпиони од други држави. Еден од начините за да се спречи шпионажата е, верувале или не, користење на стари модели на машини за пишување.
Ова го потврди Патрик Сенсбург, претседател на Одброт кој го истражуба надзорот на американската Национална агенција за безбедност (НСА) во Германија. Во интервју за германските медиуми тој мора неколкупати да нагласи дека не се шегува, односно дека навистина се размислува за користење на машините за пишување и за целосно отфрлање на комуникацијата преку електронска пошта.
Минатата недела Владата на Ангела Меркел побара од еден агент на ЦИА да ја напушти Германија, откако беше откриено дека припадник на германските разузнавачки служби им продавал информации на американските разузнавачи. Притоа, медиумите открија дека американските шпиони всушност најмногу ги интересирала токму работата на Одборот кој врши надзор на активностите на НСА во Германија.
Употребата на машините за пишување е една од опциите што се разгледува за заштита од странски шпиони, но според првичните коментари, ќе биде многу тешко остварлива. Мартина Ренер, која исто така е член на Одборот, нагласила дека „побрзо би ја напуштила тајната служба, отколку да мора сите документи да ги пишува на машина за пишување, а потоа напишаното да го запали“.
Претставникот на Одборот Кристијан Флисек исто така ја нарече идејата „смешна и апсурдна“ и потсети дека сепак живееме во 21 век, во кој доминира дигиталната комуникација.
Засега Одборот за испитување на активностите на НСА во Германија користи малку поинаков метод за заштита - сите членови пред состанокот мораат своите телефони да ги остават во метална кутија во посебна соба, a за време на состанокот слушаат гласна музика за да спречат прислушување.