Одбраната бара изземање на обвинителот Милошевски, Заев го обвинува за злосторничко здружение
Објавено во: Македонија 20 Декември, 2016
Одбраната на Зоран Заев, денеска побара јавниот обвинител Владимир Милошевски за случајот „Поткуп” од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде изземен од натамошно постапување поради тоа што за него Специјалното јавно обвинителство водело повеќе истражни постапки и за повеќе кривични дела.
На барањето за изземање на Обвинителот Милошевски му претходеше обвинување дека тој не и ги доставувал на одбрана наредбите за таканаречените посебни истражни мерки, а врз основа на кои бил подигнат обвинителен акт за случајот “Поткуп”. По добиениот предлог за изземање, судот, по извршена консултација, донесе решение процесот да се пролонгира на два часа, а за тоа време Јавниот обвинител да одлучи дали ќе го повлече Милошевски или не.
Реакција веднаш даде адвокатот Јаким Наумов кој рекол дека СЈО за Обвинителот Владимир Милошевски води повеќе предистражни кривични постапки за предмети каде имало недозволено прислушување и побара запирање на оваа судска постапка се до конечна одлука на СЈО за Милошевски.
Адвокатот Наумов го обвини Јавниот обвинител Владимир Милошевски за злоупотреба на посебните истражни мерки, односно за протекување на снимка на социјалните мрежи и на некои државни телевизи.
Заев пак, пред судечкиот совет на скопскиот кривичен суд, го обвини Милошевски дека е дел од злосторничко здружение, дека како Јавен обвинител дозволил да му исчезнат снимки од предметот, дека вршел антиидатирање на термини кои се надвор од наредбите за следење на неговите комуникации, дека намерно отворал кривични истраги за него и за други лица, иако тие случаи никогаш не ги обелоденил и дека тој стои зад одлуката за претрес на домот на началникот на СВР Куманово, односно за случајот од пред неколку дена. По ова, судот донесе решение постапката да се пролонгира на два часа.