Добивај вести на Viber
Производителите на ориз од Кочанскиот регион излегоа со различни ставови за решавање на проблемите со откупната цена на оризовата арпа. Едните револтирани за утре веќе најавија оризова буна, другите односно од Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители на Македонија, велат дека подобро е прво без протести да побараат решавање на проблемот. Тие најавија дека во петок ќе имаат средба со министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, на кого ќе му ги изнесат своите барања кои содржат неколку мерки за спас на понатамошното производството на ориз.Но и едните и другите предупредуваат дека состојбата на терен е алармантна.
Договорот за откупна цена од 25 денари за килограм оризова арпа и најниска откупна цена од 20 денари за килограм воопшто не се почитува. Производителите на ориз велат дека проблемот со потфрлувањето на рандманот од 35 до 40% кои се јави при лупењето на арпата ги помати првичните пресметки на земјоделците, а тоа пак го искористиле откупувачите, па сега за килограм оризова арпа плаќаат минмални 13 денари. За нив е нејасен ваквиот чекор на откупувачите, бидејќи токму поради ваквиот проблем Владата донесе одлука откупувачите да добијат по 2 денари субвенција за килограм извезен ориз спакуван во амбалажа.
- Состојбата е катастрофална, но сметам дека за тоа треба да се обратиме кај откупувачите а не кај Владата, бидејќи таа одобри субвенции за нив токму заради овие причини, и тоа требаше да придонесе да не ја намалат откупната цена. Мислам дека прво треба да се обидеме без протест ако може да се решат работите, оти пак овој протестот што е најавен, е без никакви барања. Ние и претходно реагиравме кај МЗШВ, и мислам дека можат да извршат притисок. Во петок ќе побараме неколку мерки од МЗШВ да ни се помогне, на пример намалување на водниот надоместок, на даночните обврски и намалување на другите трошоци, и на тој начин да можеме и со оваа откупна цена некако да го продолжиме производството. Од одговорот ќе зависат и нашите следни чекори однсоно дали и кога би имало протести, вели Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители на Македонија.
Од друга страна од Иницијативниот одбор на кочанските оризопроизводители, веќе најавија дека утре на плоштадот „Ченто“, пред Управната зграда на Локалната самоуправа во Кочани ќе одржат масовен протест на оризопроизводителите и другите земјоделци од кочанско.
- На овој протест сакаме да им укажеме на Владата и ресорното Министерство за земјоделство дека е доста од лагите и манипулациите што ги правеа со оризопроизводителите и еднаш за секогаш да го вратиме достоинството на македонскиот земјоделец што стварно го и заслужува. Цената на оризовата арпа што е договорена со Владата преку ресорното Министерство за земјоделство воопшто не се почитува на теренот. Земјоделците се оштетени. Па од тука сакаме да им укажеме на Владата и ресорното Министерство еднаш за секогаш да се стави крај на овие манипулации што се прават со оризопроизводителите, велат од Иницијативниот одбор.
Од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство велат дека во однос на договарањето на цените не можат да се мешаат, бидејќи се работело за пазарна економија. Сметаме дека со оглед на мерките за субвенции што ги добиваат оризопроизводителите не треба да бидат незадоволни од Владата и министесртвото, а цените треба да си ги договораат при склучувањето на договорите, објаснуваат од ресорното министерство
Зошто потфрли оризовата арпа?
Засега сеуште не е познато од кои причини оризовата арпа потфрли во квалитетот. До крајот на неделавата се очекуваат и резултатите од Институтот за ориз. Според информациите на оризопроизводителите, климатските услови како причина за лошиот квалитет и високиот процент на рандманот, се отфрлуваат бидејќи во земјите од регионот со иста клима, рандманот бил добар.
Дел од оризопроизводителите се сомневаат дека проблемот се јавил како резултат на високите температури кои го испекоа зрното уште пред да започне со зреењето. Но шпекулциите одат дотаму, што се претпоставува дека проблемот со лупењето на арпата, е поради лоша примена на агротехничките мерки, хербицидите, но и новото средство за заштита што годинава го користеле оризопроизводителите.
Од посеаните 4.000 хекатри годинава има 24.000 тони оризова арпа. Квалитетот е добар но како што велат производителите при лупењето доаѓа до преполовување на оризот, однсно нема еластчност. Потфрлувње има и кај белиот ориз, ако лани реколтата тежела 12.000 тони, сега е едвај 7.000 тони. Белиот ориз се откупва од 39 до 40 денари за килограм.
- Оваа цена на белиот ориз е добар но само ако 50 отсто од арпата отпаѓа на бел ориз, а сега состојбата катастрофална само 25 отсто е бел ориз, објаснува Јанев
Инаку освен откупувачите, оваа година и производителите ќе добијат субвенција од 3,5 денари за килограм предадена арпа во откупен пункт. Првиот рок за поднесувцање на барањата е 15-ти следниот месец а исплатата на субвенцијата треба да биде до крајот на јануари 2013 година. Другите ќе можат да конкурираат 30-ти јуни следната година
С.Ј
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.