OTKAKO ЈАВНОСТА ДОЗНА ДЕКА УМЕТНИК ОД ПРИЛЕП ЖИВЕЕ БЕЗ СТРУЈА: Ги прашавме граѓаните дали ја ценат уметноста и дали купуваат слики?
Објавено во: Македонија 21 Јануари, 2025 07:57
Откако деновиве медиумите објавија дека уметникот Златко Крстевски од Прилеп живее без струја и во тешки услови, ги прашавме граѓаните дали ја ценат уметноста, дали за истата се спремни да платат, дали и кога последен пат купиле или добиле уметничка слика на подарок.
Одговорите на нашите соговорници укажуваат дека прво гледаат да ги задоволат основните животни потреби, а за уметничките слики се согласуваат дека го разубавуваат просторот, но според нив, само побогатите можат да си дозволат дома да имаат вакви ремек-дела.
„Не паметам кога сум купила слика, односно никогаш не сум купила. На свадба добив уметничка слика и до денес ја чувам“, вели средовечна граѓанка.
Луѓето објаснуваат дека уметничка слика би била убав подарок за роденден, за вселување во нов дом или некој друг повод.
„Не сум купувала, ниту сум добила уметничка слика. За роденден и за вселување може да се подари слика, тоа е најубаво. Никогаш не сум била на изложба“, додава Гордана Јордановска, граѓанка.
Но, и самите граѓани признаваат дека не следат што се случува во светот на уметноста, а и стандардот влијае на нивните одлуки што ќе купат.
„Купив една слика за мене, ја најдов евтино на пазар. На интернет најдов две, си купив, но тоа се репродукции. Јас мислам дека знам да ја ценам уметноста, а за другите не знам“, вели Лилјана Петровска, граѓанка.
Друга помлада жена вели дека ги сака уметничките слики и една таква добила на подарок, купена во странство.
„Јас лично не купувам, од финансиски аспект, затоа што се прават приоритети, и тоа останува на крај и обично не се купува. Но, ја ценам уметноста, не е дека не ја ценам. Уметноста треба да се почитува. За свадба е убаво да се подари слика. Сум забележала дека побогатите луѓе купуваат слики. Добив на подарок уметничка слика, купена во Африка, ми ја донесе братучетка ми. Само сум запознаена дека се прават изложби во Домот на културата, а луѓето што се движат во тие кругови се подобро запознаени. Како општество сепак мислам дека многу не сме запознаени“, рече Рената Петровска, граѓанка.
Во земјава има доста талентирани уметници, а цените на сликите варираат, но сепак за квалитетна и убава слика во голем формат, треба да се одвои и солидна сума. Има и поединци со истенчен вкус кои се разбираат од уметност и точно знаат каква слика сакаат да имаат во домот.
„Кога станува збор за уметнички слики, точно е дека 80 отсто од луѓето купуваат принтани, а еден мал дел купуваат од познати уметници, но тоа сепак е мал процент. Со развојот на социјалните мрежи, многу е битно дали сте активни, дали се рекламирате. Битни се цените. Академските сликари работат поскапо, а другите ги прилагодуваме цените според пазарот. Само од слики не се живее. Повеќето уметници се вработени во институции. Ние мораме со пониски цени да работиме, да се промовираме, но зависи и од стилот, ама повеќе купуваат луѓето од средна, висока класа, луѓето со подобри примања, додека работничката класа не купува“, вели уметникот Борис Калев од Струмица, кој по професија е економист, но и неколку години се занимава со сликарство.
Инаку, за уметникот Крстевски беше кажано дека е еден од најрепрезентативните прилепски уметници, со 30 самостојни изложби во Македонија и странство и учество на над 700 меѓународни групни изложби. Друштвото на ликовни уметници на Македонија ги повикува сите надлежни институции да му помогнат на уметникот Златко Крстевски.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/garetsvisual
Можеби ќе ве интересира
Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП
АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила
„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата
ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКУВА НА КОГО САКА: Тошковски за темата мигранти
ДЕЛ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПОСЕДУВААТ ВАКВО ИСКУСТВО: Oва ги турка напред во кариерата
ТРЕНЧЕВСКА ВЕЛИ ДЕКА СДСМ ВЛЕГУВА ВО НОВА ФАЗА НА ПОЛИТИЧКО ЗАЈАКНУВАЊЕ: Се огласи и за резолуцијата на Собранието
„ОВА Е УБАВО СПАКУВАН ПЛАН ЗА ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ НА ДРЖАВИТЕ“: Ванковска за бриселските заклучоци за Западен Балкан
„НЕ СУМ ВЕТИЛ ЧУДА“: Ѓорѓиевски побара трпение од граѓаните




