ОТВОРЕНИ СИТЕ ИЗБИРАЧКИ МЕСТА: по осми пат се гласа на локални избори - право на глас имаат 1.832.415 граѓани
Објавено во: Македонија 19 Октомври, 2025 08:23
Во 7 часот утрово почна гласањето на осмите локални избори од осамостојувањето на Македонија, a oд Државната изборна комисија (ДИК) потврдија дека избирачките места се отворени.
Се гласа на 3.474 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1.832.415 граѓани.
На локалните избори има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети, со вкупно 10.490 кандидати.
Вчера, ден пред изборите, гласаа затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица и лицата во старските домови.
Граѓаните избираат меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, со што вкупниот број на кандидати изнесува 10 490.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.
Изборниот процес го следат 1 451 набљудувач, од кои 807 домашни и 644 меѓународни.
Гласањето се одвива со лична карта или пасош, при што задолжително има и биометриска идентификација на гласачите. Граѓаните гласаат зад паравани со сино хемиско пенкало, а гласањето е тајно. Строго е забрането групно или семејно гласање, како и носење оружје на избирачките места.
Гласањето завршува во 19 часот. Но, тоа може да биде продолжено доколку на местото каде што се гласа во 19 часот се уште има избирачи и на нив ќе им биде овозможено да гласаат. Гласањето може да биде продолжено и доколку во текот на денот настанал прекин на гласањето по одлука на Општинската или Државната изборна комисија, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот. Ова продолжување не може да биде подолго од три часа.
Гласачкото место може да се затвори и пред 19 часот, но само доколку гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список, и тоа со претходна согласност од надлежната ОИК. Броењето на гласовите не смее да започне пред 19 часот, дури и ако местото е затворено порано.
Во Скопје, гласачите добиваат четири ливчиња – по едно за градоначалник и совет на општината каде што живеат, и по едно за градоначалник и совет на Градот Скопје.
Првичните резултати од изборите се очекуваат околу полноќ.
За кандидат за градоначалник да биде избран во првиот круг, тој мора да добие мнозинство гласови од гласачите кои гласале, но само доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Доколку никој не го добие потребното мнозинство во првиот круг, двајцата кандидати со најмногу гласови одат во втор круг, кој се одржува за 14 дена, односно на 2 ноември. Во вториот круг, победува кандидатот со поголем број гласови.
Доколку и во вториот круг не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија ја известува Владата во рок од 15 дена.
Членовите на советот се избираат во првиот круг, преку пропорционалниот модел и примена на Д’Хондтовата формула.
Вчера гласаа болните или немоќни лица, лицата што се на издржување казна затвор или се во притвор и лицата што се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Државната изборна комисија (ДИК) информираше дека од вкупно 8 856 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на овие локални избори, до 20:30 часот гласале 7.935 гласачи.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
БОPЕНКА ја заокружува есенската сезона на 5 декември, Светски ден на волонтерите и Светски ден на почвите
Исповед на Надалина, ќерката на актуелниот градоначалник на Кочани која ја преживеа трагедијата: Последната слика на која се сеќавам е луѓе како врескаат, обидувајќи се да излезат
(ВИДЕО) ОГРОМНА ПУКНАТИНА ВО ЛИПКОВО: Жителите се вознемирени
Прекршочна за Менди Ќира и Општина Струга: На прославата за Денот на алабнското знаме изостана македонското знаме
ЛЕКОВИ, ЦИГАРИ, ЖЕСТОКИ ПИЈАЛОЦИ, ЌИЛИМИ - Цариниците со голема заплена, еве каде биле скриени предметите
КАКО ЌЕ ВОЗАТ АВТОБУСИТЕ НА ЈСП ВО ПОНЕДЕЛНИК? Еве како празнично ќе се работи
Се огласи Зоран Заев: Никола, до сега ќе си го одлежеше затворот и ќе беше слободен во Македонија
„АКО ИТАЛИЈА СЕ СПРАВИ СО КОЗА НОСТРА, МОЖЕМЕ И НИЕ СО МАФИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ“: Филипче најави „бомби 2.0“





