Паника и притисок во Министерството за финансии: Смеат ли да се исплатат субвенциите за земјоделците?
Објавено во: Агробизнис 14 Април, 2017
Одговорните во Министерството за финансии стравуваат да ја одобрат исплата на земјоделските субвенции, дознава Фактор. Проблемот се јавува затоа што според Изборниот законик исплатата на субвенциите не може да се изврши се до формирање на нова Влада, а стравот од одговорност кај вработените не се намалил ниту откако Антикорупциската комисија испратила допис дека субвенциите може да се исплаќаат.
Според нашите сознанија – не помогнале ниту напорите на министерот за финансии Кирил Миновски да ги убеди одговорните дека субвенциите треба да легнат на сметките на земјоделците.
Иако, од министерот Миновски побаравме да ги образложи причините за доцнењето тој остана недостапен за коментар. Миновски, не одговори ниту на прашањето дали врз одговорните во Министерсттвото за финансии се вршел притисок да ја одобрат исплатата на субвенциите, како што неофицијално брифираат извори оттаму.
Неофицијално се дознава дека и покрај тоа што налозите за исплата на субвенции се веќе потпишани од страна на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството – сепак конечната одговорност за исплатата ќе биде на одговорните во Министерството за финансии, кои се последната инстанца од каде парите треба да легнат на сметките на земјоделците. Токму одговорните во финансии стравуваат дека, иако Антикорупциската комисија дала зелено светло, сепак експертите посочуваат дека антикорупционерите не може да ги толкуваат законите и даваат само мислење, кое пак не ги штити од одговорност оние кои ќе ја потишат конечната исплата.
Тоа практично би значело дека ако сега субвенциите бидат исплатени, и ако во иднина некоја институција го толкува Изборниот законик кој вели дека субвенциите не може да се исплатат пред да се формира Владата, која во моментот не е формирана, тогаш, оној кој тоа го потпишал и дозволил може да одговара, бидејќи и покрај позитивното мислење добиено од Антикорупциската комисија сепак таа не може да толкува закони.
Истиот проблем, претходно се јави и во другите институции надлежни за потпишување на налозите, па според сознанијата на Фактор, следуваа и оставки од директорите нна Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството. Прво оставка од непознати причини си даде директорката Билјана Вуковиќ, а потоа со недели никој не сакаше да седне на нејзино место. Откако, конечено беше донесен човек од Министерството за одбрана, по само неколку дена директорување и тој си поднесе оставка, а за сето ова во јавоста се шпекулираше дека е поради одвивањето да ги потпишат налозоте за исплата на субвенции, иако тоа надлежените никогаш не го потврдија.
Откако конечно беше донесен Игор Златков, и тој доби позитивно мислење од Антикорупциската комисија, одлучи да става потписи на налозите за исплата на субвенциите, но и покрај тоа, исплатата е заглавена бидејќи врработените во финансии сметаат дека целата евентуална одговорност може да падне врз нив, а не врз Златков, бидејќи, конечниот потпис за исплата би дошол оттаму. Сепак, ваквите информации од Министерството за финансии ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат, па во јавноста земјоделците се сомневаат дека втората опција е празен буџет. Н.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.