Пари фрлени, ефект нула
Објавено во: Агробизнис 05 Септември, 2018
Субвенциите не го дадоа очекуваниот резултат, а за тоа сведочи и фактот дека земјоделските површини се ситнат, а државата увезува храна, тврдат за Фактор, земјоделци и професори кои ги консултиравме. Според професорот Јован Аждерски клучни причини за тоа се високата производна цена на домашното производство, која произлегува од високите трошоци на производството, уситнетиот имот на земјоделските производители, застарената механизација и отсуството на системи за наводнување на површините.
„Голем проблем претставува и стихијното производство, без при тоа да се има обезбедено претходен пласман на производството. Отсуствува константноста на производството, лошиот квалитет, слабата едуцираност на земјоделците, и слабата контрола врз трговците и преработувачите на земјоделски производители. Потребно е Министерството за земјоделство да ги седне на иста маса и производителите, од една страна, и трговците и преработувачите од друга. При тоа, да се договорат, најмалку месец дена пред секоја реколта да се знае откупната цена на секој производ или суровина. Да се знае цената за екстра класа, за прва класа, и за индустриската класа. Договореното да се почитува. Во спротивно, оној кој го крши договорот да сноси одговорност“- вели Аждерски.
ПАРИТЕ СЕ ДАДЕНИ ВО ПОГРЕШНИ ЦЕЛИ
Објаснува дека и во светот се даваат субвенции за унапредување на аграрот.
„Земјоделството заради изразените осетливости, најмногу се потпира на субвенционирањето. А тоа најмногу има карактер на зачувување на нивото на доходот, кој до крај се остварува на пазарот, поради колебливите цени или под дејство на државните ограничувања. Во склад со условите и потребите за развој се утврдува и односот спрема субвенционирањето. Во секој случај со оглед на осетливоста на земјоделството, на влијанието на природни и економски фактори, одговарачкиот систем за материјална потпора е составен дел на политиката за развој “ - вели Аждерски.
Владимир Илијевски, професор по земјоделска група предмети во средното Земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола вели дека цели 18 години работел во земјоделска аптека, и ги познава навиките на земјоделците со чест на исклучоци.
„Субвенциите не го постигнаа ефектот затоа што парите се дадени во погрешни цели. Со чест на исклучоци, има земјоделци кои доаѓаа и купуваа семе од пченка без да ги интересира принос, сорта, значи го земаа само заради субвенција. Потоа се случуваше истото и со тиквите. Парите не ги наменуваа за напредок на земјоделството, туку со тие пари се купуваше се и сешто“ – вели Илијевски.
Тој смета дека субвенциите треба да се линерално повисоки по единица површина, односно тој што произвел повеќе да добие поголема субвенција.
KОЛКУ КОРИСНИЦИ НА СУБВЕНЦИИ ИМА?
Бројот на земјоделски стопанства кои користат субвенции е над 80.000.(од година во година варира од 80.000 до 90.000), велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Најмногу субвенции се исплаќаат за тутун. Висината на поддршката е 60 до 80 денари по килограм во зависност од класата на тутунот. За оваа намена во 2018 година се исплатија 1,7 милијарди денари. Зголемување на површини бележат кај лозовите и овошните насади и кај градинарските култури, додека кај полјоделските култури има мало намалување.
Увозот на земјоделско-прехранбени производи пораснал за 120,5 милиони евра од 2008 до 2013 година, покажуваат статистиките. Субвенциите за земјоделството и руралниот развој од 2008 година почнаа да се зголемуваат.
ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ БАРААТ ДА СЕДНАТ НА МАСА СО НАДЛЕЖНИТЕ
Ристо Велков, претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, вели дека иако пред 12 години се воведени субвенции, сепак се намалува производството, а увозот на храна се зголемува.
Додава дека дел од вината ја имаат и земјоделците затоа што се навикнале да чекаат субвенции, а не размислуваат по која цена ќе го продадат производот.
„За еден декар домат, инвестицијата за производство е 60.000 денари, а субвенцијата е 3.300 денари. Продажната цена е катастрофална. Има уште време, ние сме аграрна земја, може да се седне со надлежните во декември, февруари и да се направи план за да не го изгубиме и она што го имаме“- вели Велков.
Објаснува дека сликата на терен е таа, градовите и селата се празнат.
ОД РУРАЛНА КОАЛИЦИЈА ОБВИНУВАА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ
Од здружението Рурална коалиција претходните години обвинуваа дека има злоупотреби со субвенциите наменети за земјоделците.
Тврдеа дека предност се дава на подобните или партиски активните земјоделци, а тоа може да се увиди кога при исплата на една иста подмерка, во еден ист ден, не им се исплаќа на сите земјоделци кои аплицирале, туку се прави поделба. Обвинуваа дека на едни да им се исплатат порано, а на други многу подоцна или пак, ако да им се најде некаква грешка или проблем, можело луѓето и да не ги добијат субвенциите воопшто.
ШТО ПОКАЖУВААТ СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ?
Во првиот квартал од 2017 година, извозот на земјоделски и прехранбени производи изнесувал 57,5 милиони евра, што претставува намалување за 13,5 проценти во однос на истиот период една година претходно, информираа од Стопанска комора на Македонија (СКМ).
Во истиот период, за 14 отсто намален е и откупот на домашните производи. Во првите три месеци од 2017 година, увозот на земјоделски и прехранбени производи е зголемен за 8,5 проценти во однос на лани и изнесува 130 милиони евра.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година, во споредба со 2016, земјоделските површини се намалени за 0.1 %.Намалување е забележано кај ораниците и бавчите и кај пасиштата за 0.2 %. Во 2017 година, во споредба со 2016, производството бележи намалување кај сите посеви и овошје.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2018 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 4,4 отсто во однос на истиот период од претходната година. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 14 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 16, 5 проценти.
Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува намалување во април и мај, додека во јуни е забележано зголемување на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи.
Сања Атанасовска