“Паркови и зеленило” ќе добие над 280 илјади евра субвенции од Град Скопје
Објавено во: Македонија 11 Јули, 2014
Градот Скопје ќе му додели субвенции во висина од 286.178 евра на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. За предлог одлуката за субвенционирање на претпријатието советниците ќе расправаат на закажаната седница следната недела. Дел од субвенциите односно 243.902 евра се наменети за покривање на тековни загуби на претпријатието, а останатите 42.276 евра за набавка на пајтон.
Парите ќе бидат обезбедени од годинешниот Буџет на Град Скопје.
„Со субвенцијата, наменета со оваа одлука, ЈП „Паркови и зеленило“ треба да ги надомести трошоците, настанати при потешкотии во работењето што произлегуваат од доспеани обврски кон добавувачите, како и трошоците во врска со одржувањето на пајтонот, што ги има ДООЕЛ „Луна“, субјект формиран од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, се вели во образложението од Градот.
Токму за парите наменети за пајтонот, на минатонеделната седница реагираа советниците од опозициската СДСМ. Тие обвинија дека со ребалансот на градскиот буџет се кратат средства за јавно осветлување за 16%, за изградба на магистрални и собирни улици за 21%, за сообраќајна сигнализација за 27%, а големо е намалувањето на средствата и за секторот образование кое изнесува 24%. Од друга страна, со ребалансот се зголемуваат трошоците за набавка на мебел, за изградба на катни гаражи, а се додаваат и нови ставки, како што е набавката на нов пајтон.
Минатата година Градот ја задолжи компанијата “ДПИС Зебра Проект” ДООЕЛ од Скопје, да го изработи сообраќајниот проект за движењето на пајтонот. Сега кочијата тргнува од Зоолошката градина, каде што и е седиштето, покрај стадионот кај Опатија, низ паркчето по кејот на реката Вардар, кај вртелешката и баровите, потоа кај Холидеј ин и под ГТЦ кај автобусите, во Жена-парк, под Порта Македонија, плоштадот, улица Македонија и повторно врти кај Лондон кафе. Цената за возењето е 100 денари за возрасни и 50 денари за деца.
Првиот тендер за набавка на пајтонот го доби компанијата „Технометал Вардар“, а Градот Скопје за оваа атракција плати 14.000 евра, плус 18.000 за набавка на двата бели коњи липицанери донесени од Грција.
Ј.С.