Добивај вести на Viber
Постои злоупотреба на пари на граѓаните во над 20 тендери за греење во училиштата, обвинува СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ пак реагира, градоначалниците на СДСМ оставаат долгови насекаде.
„Нерегуларностите во Општините во кои раководи кадар на власта не се изразени само за автобуски превоз на ученици, туку постојат и очигледни сомнежи за злоупотреба на пари на граѓаните и во над 20 тендери за греење во училиштата“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Според него, Тетово, Битола, Охрид, Кичево и Струга се дел од општините со најголеми долгови за затоплување.
„Пријавувана е површина за затоплување во училиштата и до трипати поголема од реалната. Нормативот за затоплување површина училиштен простор по ученик е 4-5 м2. Општини барале средства за затоплување и до 12 м2 училиштен простор по ученик. Тоа е побарување на тројно повеќе средства за греење. При што не се почитувала со закон утврдената постапка на пресметување училиштен простор за греење“, вели Шилегов кој бара одговори од надлежните власти за ваквите информации.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека единствена злоупотреба на пари на граѓаните во тендерите има само во Општина Струмица.
„СДСМ сака со замајување на јавноста да ја сокрие одговорноста за презадолжувањето на општините со кои раководеле и со кои раководат. Градоначалникот на СДСМ, кој е и претседател на СДСМ, освен што делел тендери на своите блиски роднини, воедно и ја пренатрупал општина Струмица со долг над 4,5 милиони евра. Да потсетиме дека вработените во ЈП Комуналец Струмица не земале плата два месеца. СДСМ и Александар Петрески во општина Охрид оставија долг од над 50 милиони евра. Да потсетиме дека СДСМ постави рекорд и Охрид ја направи најзадолжена општина во Македонија и на Балканот со дневни камати од 14 илјади евра. Актуелниот градоначалник од СДСМ во општина Куманово направи долг од над 9.5 милиони евра, а вработените во јавните претпријатија немаат земено плата со месеци. Да потсетиме дека на кумановчани им се заканува опасност поради долговите да останат без вода за пиење“,реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.