„ПАТЕТИЧНО, АНТИАМЕРИКАНСКО И АНТИЕВРОПСКО Е БАРАЊЕТО НА АЛТЕРНАТИВА“: ДУИ категорично против создавање „заедница на албански општини“
Објавено во: Македонија 26 Февруари, 2023
„Патетично,
антиамериканско и антиевропско барање кое оди на штета на конечното решение на
косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по
доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно распоредување", соопшти
ДУИ одбивајќи го повикот на Алтернатива за формирање „заедница на албански
општини“, како што е примерот во Косово во кој има обиди за формирање заедница
на српски општини.
Партијата на Али Ахмети оценува дека ова е крајно несериозно барање на Алтернатива чија заднина е всушност обид да се опстане на политичката сцена.
Претходно Алтернатива се произнесе во јавноста со ова барање при што генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими изјави дека идејата е да се создаде една кауза врз која може да се соединат сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина.
-Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес заедницата на албанските општини во Северна Македонија. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово“, изјави Ибрахими.