ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА: Кампот во Зелениково е најмасовна злоупотреба на деца досега, МВР да поднесе кривични против организаторите
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2021
Не се смируваат реакциите во јавноста околу извидничкиот камп за сексуална едукација, кој се организирал викендов близу Зелениково. Како што пишуваа медиумите, во кампот од учесниците барале да кажуваат имиња на фирми за производство на кондоми, колку секс партнери имале досега, да симулираат секс пози и слично. Скандалозните активности биле пријавени и во полиција. Всушност, сега Обвинителството и МВР истражуваат што се случувало во тој камп.
Професорката Ана Павловска Данева вели дека ова е досега најмасовна злоупотреба на правата на децата, а организаторите на овој скандалозен настан мора да бидат санционирани.
„Она што им се случувало на децата во т.н. извиднички камп е досега најмасовна злоупотреба на правата на децата во нашава земја. Ако ова не биде санкционирано и МВР веднаш не поднесе кривични против организаторите, да не бидеме изненадени доколку родителите си ја преземат правдата во свои раце!“, напиша Павловска Данева на својот фејсбук профил.
На тоа имаше бројни реакции од родители. Ели Пешева пишува.
Инаку, татко на средношколка од Скопје, за „Слободен печат“ кој го откри скандалот, сведочи дека неговата малолетна ќерка викендов доживеала шок од активности кои се случувале на извиднички камп.
Според девојчето, кое се обратило до училишниот психолог со писмена изјава, а која родителот ја образложи во аудио разговорот со редакцијaта, активностите биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашање колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, сликање панорамска слика со секс пози до манастир.
„Дежурен јавен обвинител е известен за настанот за кој покажувате интерес и издаде насоки до Министерството за внатрешни работи за дејствија кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба“, велат од ОЈО Скопје.
Во кампот, наречен „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол” наменет за извидниците над 16-годишна возраст, учествувале 40 малолетници.