СЛУЧАИТЕ РАСТАТ, НО АКТИВНОСТА ОСТАНУВА НИСКА: Состојба со грипот во Македонија
Објавено во: Македонија 26 Декември, 2024
Се зголемува
бројот на луѓето заболени од сезонскиот грип. Во текот на 51-та недела односно од 16-22 декември, во Македонија се
пријавени 139 случаи на заболувања слични на грип, што претставува зголемување
од 17,8 отсто во споредба со претходната недела. Сепак, бројот на случаи е
намален за 32,2 отсто во однос на истиот период минатата година.
Најголем број заболени се регистрирани кај возрасната група од 15-64 години (95 случаи), додека највисока инциденца (12,4 на 100.000 жители) е забележана кај децата до 4 години. Најмногу заболени има во Дебар (42 случаи), Гостивар (33) и Куманово (22). Активноста на вирусот на грип во земјата се карактеризира како ниска, со исклучок на сезонска активност во Гостивар и средна активност во Дебар.
Од вирусолошкиот надзор, од 21 тестирање во Институтот за јавно здравје, детектирани се еден случај на Influenza А(H3) и еден случај на респираторен синцицијален вирус (RSV). Позитивни случаи на COVID-19 не се регистрирани.
Европски регион: Зголемена активност на грип и RSV
Според извештајот на ERVISS за 50-та недела од 2024 година, активноста на грипот во Европскиот регион на СЗО покажува значајно зголемување:
Во 20 од 33 земји и области, стапките на заболувања слични на грип и акутни респираторни инфекции се покачени над основните нивоа.
Во 48-та недела започна сезонската епидемија на грип за 2024/2025 година, а во десет земји интензитетот на грипот е оценет како среден.
Регистрирано е зголемување на позитивноста на грип тип А(H1)pdm09 и приемите во болници.
Позитивноста на RSV (респираторен синцицијален вирус) продолжува да расте, што доведе до зголемени приеми во болници и интензивна нега.
Стапките на SARS-CoV-2 се намалуваат, но постојат разлики помеѓу земјите, при што најголемиот дел од случаите се кај постари лица.
Вакцинацијата против грип во тек
Од почетокот на вакцинацијата на 21 октомври, вакцинирани се 70.235 лица од ризичните категории со бесплатни четиривалентни вакцини, обезбедени од Министерството за здравство. Дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се достапни за останатото население, од кои досега се искористени 1.890 дози.
Препораки
Институтот за јавно здравје апелира за вакцинација, особено на ризичните групи: постари лица, деца, бремени жени и здравствени работници. Вакцинацијата се смета за најефикасна заштита од грип.