ПЕПЕРОНИ СО ТУНА, СУВ ДОМАТ И ПЕЧУРКИ ВО МАСЛО... - од Платежната агенција со детално објаснување за каков објект и производство „Џанвики“ ќе ги користи ИПАРД средствата
Објавено во: Економија 01 Ноември, 2022
Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за Фактор детално објасни за што компанијата „Џанвики“ од селото Петровец ги добила и ги искористила средствата кои ги обезбеди преку ИПАРД 2 програмата, на износ од 2,2 милиони евра.
Од Платежната агенција потенцираат дека Џанвики ДОО е корисник на мерката 3 – инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи од ИПАРД 2 програмта.
„Согласно програмските услови и критериуми, корисници на оваа мерка може да бидат правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар и кои вработуваат помалку од 250 лица и кои имаат годишен обрт кој не надминува 50 милиони евра“, велат од Агенцијата.
Нагласуваат и дека минималната финансиска поддршка за оваа мерка е 10.000 евра, а максималната е 4.500.000 евра во денарска противвредност.
Инаку, прифатливи сектори за финансирање во мерката три, како што објаснуваат од Платежната агенција, се преработка на млеко и млечни производи, преработка на месо и производи од месо, преработка на овошје и зеленчук, преработка на житарици, растителни производи и масла и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку преработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна маса.
Висината на финансиската поддршка согласно програмата е 50 отсто од вкупните прифатливи, направени и докажани трошоци. Односно, најпрвин апликантот ја реализира инвестицијата во целост со сопствени средства, а потоа добива поврат во висина од 50 отсто.
„Инвестицијата на Џанвики ДОО се однесува на целосна изградба на погон за преработка на земјоделски производи во индустриската зона Ќојлија во Петровец и набавка на најновата производствена технологија.
Џанвики ДОО во својот деловен план ги опишува активностите кои ќе следат по реализација на инвестицијата, а тоа е извоз на своите преработки првенствено во Италија, бидејќи инвестицијата е во партнерство помеѓу македонски и италијански државјанин.
Над 80 отсто од потребните количини на суровина, Џанвики ДОО ќе ја обезбедува директно од кооперанти.
Финални производи од преработките на апликантот ќе бидат: пеперони со туна, пеперони со урда, сув домат во масло, полнети сармички со сув домат, карчофи во масло, мешан зеленчук, пиперки во масло, печурки во масло, овошен компот од праски, компот од шумско овошје“, потенцираат од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Од Агенцијата уште и прецизираат дека Џанвики ДОО на 23 март годинава поднела барање до нив за користење на финансиски средства за изградба на индустриски објект за преработка на зеленчук и овошје, линија за пакување на полнети пиперчиња (6.000 тегли/h), машина за мелење DADAUX TX 130 AUTO, Електомеханички лифт DADAUX со инсталација, палетизер Robocap Ecoplate Plus FRD со инсталација, автоматски запечатувач на садови FUTURA со монтажа и консултантски услуги за ИЗРАБОТКА НА ОСНОВЕН ПРОЕКТ (за објект - 5,035 m²), ИЗРАБОТКА НА ОСНОВЕН ПРОЕКТ (за партерно уредување- 12,340 m²), како и надзор при извршување на градежни работии Изработка на деловен план.
„Агенцијата изврши административна обработка и контрола на самото место и согласно Извештајот од извршената контрола на самото место се утврди дека доставеното барање и приложената документација соодветствуваат со фактичката состојба на лице место и е донесено Решение за исплата бр. 25-743/26 од 20.09.2022 год“, се вели во деталниот одговор кој го добивме од Платежната агенција.
Претходно Фактор објави дека компанијата Џанвики од скопското село Петровец добила 2,2 милиони евра од државната Платежна агенција, на крајот на септември оваа година.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.