ПЕТАР АНДОНОВСКИ: Државата треба да вложува во јазикот и книжевноста
Објавено во: Македонија 05 Јуни, 2018 06:25
Дека еден добар писател може да биде културен амбасадор на својата земја, потврдува Петар Андоновски кој на публиката ѝ е познат по своите романи „Очи со боја на чевли“, „Тело во кое треба да се живее“, „Страв од варвари“. Писателот чии романи се читаат во еден здив вели дека е особено важно државата да вложува во јазикот и книжевноста. Според него, работите во Македонија се менуваат кон подобро и луѓето почнуваат сè почесто да читаат домашна литература.

Фактор: „Страв од варвари“ е вашето најново книжевно остварување и веќе го промовиравте романот. На каков прием наиде делото кај читателската публика?
Интересот за ,,Страв од варвари” е огромен. Нема да кажам дека сум изненаден, очекував да биде така. Многу од читателите кои ги знаат моите два претходни романи сметаат дека ова е мојот најкомплексен роман. Откако ја добив наградата Роман на годината на Утрински весник во 2016 година, чувствував дека што и да напишам следно треба да биде барем за нијанса подобро од претходното. Според реакциите од читателите сум успеал во тоа.
Фактор: Вложува ли македонскиот граѓанин во својата културна наобразба, се посветува ли на читање на книги?
Ние не сме некоја голема читачка нација, тоа можеби се должи на тоа што нашата книжевност нема некоја голема традиција. Но, последниве неколку години работите се раздвижија кон подобро во корист на македонската книжевност. Сè повеќе се читаат и купуваат книги од македонски автори. Колку и да звучи нескромно и колку и да не му се допаѓа тоа некому, за тој успех заслужна е мојата генерација, ние ја внесовме потребната свежина во македонската книжевност.
Фактор: Сте биле на резијденцијални престои во Црна Гора и БиХ. Кои се придобивките за еден автор од резиденцијалните престои во странство?
Покрај Црна Гора и Бих, имам oдено на резиденции и во Косово и во Австрија. Кај нас писателите не можат да живеат само од пишување, секогаш мора да работат уште нешто. За жал уште не сме на тоа ниво кога писателството ќе стане професија. Писателите најчесто пишуваат кога ќе најдат слободно време. Но, среќа што постојат писателски резиденции, каде покрај стан добивате и хонорар за тоа, паво тој случај ништо друго не ви останува освен да го искористите времето за пишување. Нo, резиденциите се добри и за запознавање на културата на земјата во која престојувате, запознавање со книжевната сцена на таа земја, па и можност за некоја понатамошна соработка.
Фактор: Дали еден добар автор може да биде своевиден амбасадор на својата земја?
Секако дека да. Кога еден писател гостува надвор од својата земја тој покрај тоа што се претставува себе си, тој ја претставува и книжевноста од државата во која доаѓа. Затоа и државата треба да вложува во јазикот и книжевноста. За време на мојот престој во Црна Гора и БиХ, дознав дека таму немаат преведувачи од македонски, тоа е голем пропуст на државата. Се надевам дека нашите политичари конечно ќе сфатат од колкаво значење е вложување во јазикот.
Фактор: Што е следно што подготвувате?
,,Страв од варвари” излезе пред еден месец. Овој роман го пишував со огромна страст, па некако ми е тешко да се ослободам од него. Обично по излегувањето имам чувство дека повеќе не ми припаѓа мене, им припаѓа на читателите. Со овој роман е малку поинаку. Мислам дека уште долго ќе ме опседнува.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми




