Петте споменици и новата фонтана во Скопје добија „зелено светло“
Објавено во: Македонија 08 Јули, 2014
Советниците во Советот на Град Скопје ги одобрија плановите за поставување на пет нови споменици и уште една релјефна фонтана во Скопје. Уште не е познато каде ќе бидт сместени спомениците и фонтаната, а локацијата за секој од нив дополнително ќе се утврдува.
Бидејќи станува збор за спомен-обележја, според Законот, Програмата за нивно поставување мораше да биде донесена со Бадентеровото мнозинство во Советот. Тоа значи дека одобрение мораше да даде и мнозинството советници од помалите етнички заедници.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ го обезбедија мнозинството од македонската етничка заедница, бидејќи поседуваат мнозинство во Советот, додека за Бадентерово мнозинство гласаа шест советници од помалите етнички заедници. Против беа тројца советници на ДУИ и еден советник од СДСМ од ромска националност, додека тројцата советници на ДПА, кои можеа да го спречат поставувањето на спомениците, пред гласањето ја напуштија салата и дозволија одлуката да помине.
Согласно усвоената Програма, во Скопје ќе бидат поставени спомен-обележјата на генерал Михајло Апостолски, Пере Тошев, Ѓорѓи Сугарев, Никола Петров Русински и Андон Лазов Јанев-Ќосето, а ќе биде изградена и нова релјефна фонтана со настани, личности и симболи од македонската историја.
Средствата потребни за финансирање на новите споменици ќе се издвојат од Буџетот на Град Скопје, донации, Буџетот на Република Македонија и други извори.