Добивај вести на Viber
Цената на пивото се зголеми за околу 10 денари. Така на пример во маркетите, досегашната цена на дел од пивата од 99 денари , сега е корегирана на 109 денари. Од маркетите коментираат дека веќе пивото го набавуваат по повисока цена. Ваквото поскапување доаѓа по зголемувањето на акцизите предвидено со новите измени во Законот за акцизи. Според измените акцизата за пивото ќе се зголеми од три на четири денари по литар, додека кај другите алкохолни пијалоци од 300 на 340 денари за литар чист алкохол. Допрва следува поксапување и на другите алкохолни пијалоци. Според Министерството за финансии, зголемувањето на акцизите е со цел да се усогласат директивите со Европската Унија. Дел од производителите на пиво, уште минатиот месец најавија дека со зголемувањето на акцизите ќе бидат приннудени да ја корегираат цената на пивото.
- Секое зголемување на акцизите повлекува и зголемување на цената на производите. Па така, може да очекува дека цената на пивото ќе се зголеми. А секако кога се зголемува цената на пивото или било кој друг производ тоа влијае на потрошувачката, односно на побарувачката на тој производ. Многу е рано да се каже каково ќе биде тоа влијание од овој чекор, но секако дека ќе има влијание. Ја известивме Владата за нашата позиција, свесни сме дека тоа е веќе одлучено, но ние се надеваме дека ќе можеме да продолжиме со дијалогот со Владата за да овозможиме раст на индустријата на производство на пиво во земјата, изјави на почетокот на минатиот месец генералниот директор на Скопска Пивара, Јаак Микел.
Поскапувањата на алкохолните пијалоци, ќе биде силен удар врз ионака кревкиот угостителски бизнис во Македонија. Угостителите веќе ги пресметуваат загубите од новите цени на пијалоците.
Во однос на цигарите, пурите и цигарилосите се предвидува постепено зголемување на акцизата во наредните десет години.
Ј.С