ПО 3.250 ХОСПИТАЛИЗАЦИИ ОТТУКА ЗАМИНА И ПОСЛЕДНАТА ПАЦИЕНТКА: Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Костов детално за Фактор
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2021
Од најголемиот
ковид-центар во Македонија, ГОБ „8 Септември“, во петокот замина последната
пациентка која таму се лекуваше од компликации на корона вирусот. Беше успешно
излекувана од тимот лекари кои изминатава година и три месеци се бореше за
секој човечки живот. Директорот на оваа здравствена установа, д-р. Христијан
Костов за Фактор раскажува за предизвиците со кои се соочија и не го крие
задоволството, надевајќи се дека ова ќе биде крај на една лоша епизода со која
се соочи целото човештво.
-Во еден период имавме и 180 хоспитализирани пациенти. Освен пациенти со тешки компликации од Ковид-19 ништо друго практично и да не лекувавме. Не се правеа операции, амбулантите за сите останати патологии не работеа, месеци и месеци во ГОБ „8 Септември“ не влегуваа не-ковид пациенти. Секој кат од болницата беше резервиран само за болните од корона вирусот, секојдневно се бараше болнички кревет повеќе. Молби доаѓаа од сите страни, и тука беа носени пациенти со најтешка клиничка слика, посочува д-р. Костов.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, каде од март лани, 2020 година, кога со одлука на Владата болницата стана ковид центар, вели дека до петокот кога е испишана и последната пациентка, поради компликации од вирусот имале повеќе од 3.250 хоспитализации и над 24.000 прегледи на болни и суспектни на вирусот.
-Навистина не знам кој налет, кој бран на корона вирусот имаше најсилен удар. На почетокот ни беше тешко зошто не знаевме со што се соочуваме. Подоцна, добивме претстава само колку непредвидлив може да биде вирусот, и за жал никогаш немавме специфичен лек...секогаш се водевме исклучиво по протоколите и по клиничката слика на пациентите. Во ГОБ „8 Септември“ беа згрижени и лекувани пациенти со најтешката форма на болеста, беа транферирани и од други градови со сатурација 40-50. Имавме млади луѓе, имавме повозрасни луѓе, и за сите нив, за нивните животи практично деноноќно се бореа лекарите и целиот медицински кадар, појаснува д-р Костов.
Во нашиот разговор тој изнесе најдетални статистички податоци за изминатите 14 месеци, за што вели, дека можеби за некого тоа се само обични бројки, но за нив и за нивните пациенти пред се, тоа е една жестока борбра.
-Ако говориме најпрецизно можам да кажам дека од 15 март 2020 година до 1. јуни сега, односно за 14 месеици во трите амбуланти на Одделот за инфективни болести се направени 14.000 прегледи и 10.000 прегледи имаме во Тријажниот центар за ковид пациенти, значи 24.000 прегледи. Кога сме кај бројките, огромен е бројот на лабораториски анализи: 11.000 биохемиски анализи за ковид-пациенти, 14.000 крвни анализиа на Трансфузиологија, 15.000 лабораториски анализи за ковид пациенти. 10.000 рентгенграфии на градни органи. Она што најмногу ме радува, е дека повеќе од 100 ковид пациенти со екстремно тешка клиничка слика, со сатурација под 60% кислород во крвта кои беа ставени на сипап респиратори, неинвазивна механичка вентилација, се успешно извадени, односно излекувани. Освен тоа, третиравме и пациенти со инфаркти. Во овој период направени се 525 коронарографии и 300 стентирања, вели д-р Костов.
Се надева дека по заминувањето на последната пациентка хоспитализирана поради корона вирусот нема да имаат нови приеми со оваа патологија, но потенцира дека во секое време се подготвени во случај да има потреба за тоа.
-Верувам и се надевам дека ова навистина значи крај на тешките случаи кои не можат без болничко лекување. И сега доаѓаат иако многу ретко пациенти, но ги препраќаме на Инфективната клиника бидејќи и таму се веќе речиси испишани сите пациенти болни од корона вирусот. Мислам дека вакцините, но и огромниот број прележани граѓани, не дозволуваат повеќе место за ширење на Ковид-19. Далеку сме од крајот на пандемијата во светот, но епидемиолошката слика кај нас и во регионот, па и во голем број европски земји се смирува и гледаме дека вирусот навистина спласнува. Она што сега е најважно е помасовна вакцинација, да имаме голем број вакцинирани и да не дозволиме нов бран, да не дозволиме нови мутации, вели д-р Костов.
Во нашиот разговор посебно нагласи дека болницата по 14 месеци е целосно вратена на своето претходно функционирање.
-Во моментов веќе
правиме целосно реновирање на сите оддели каде беа лекувани ковид-пациентите, потребна
е голема дезинфекција на просторот, но болницата функционира со сите
расположиви капацитети. Изминатата недела организиравме и обука за прекутани
биопсии.
Станува збор за дијагностичка метода со ехоапарат кој ни е донација од јапонската амбасада и со оваа метода се прави категоризација на туморите, дали се малигни или бенигни. Значи со магнетната резонанца се откриваат туморите, а со прекутаната биопсија се открива за каков вид тумор станува збор, вели д-р Костов за Фактор.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.