ПО МЕСО ОДЕТЕ ВО ШТИП, А ПО ГРАВ ВО СТРУМИЦА - и покрај „гарантираните цени“ големи разлики од град во град
Објавено во: Македонија 18 Март, 2024
Поскапувањето на храната и движењето на цените се меѓу главните теми кои го окупираат фокусот на граѓните, што секако најмногу се должи на поскапувањата кои се наметнаа со последователните кризи. Дополнително деновиве престана да важи мерката „гарантирана цена“, што секако влијаеше на цените на продуките во маркетите.
Вообичаено секој месец Државниот завод за статистика објавува какво е движењето на цените низ градовите во Македонија, каде може да се забележи дека и покрај важењето на мерката „гарантирана цена“ низ градовите имало различни цени на продуктите. Паѓа во очи податокот дека се случува исти производи да имаат разлика во цената од еден до друг град за дури сто денари по килограм. Но, ова не е појава која ја има само сега, туку напротив споредбите покажуваат дека постојано се случуваат големи разлики во цените на продуките во малопродажба. Последните податоци кои ги објави статистика се за месец јануари, период кога важеа „гарантираните цени“ што требаше да обезбеди поголема заштита на граѓаните, особено посиромашните, сепак, бројките покажуваат дека цените и понатаму имаат големи разлики.
Скопје како главен град со најголема фрекфенција на граѓани, не секогаш ги има највисоките цени, но жителите на главниот град плаќаат најскапо јунешко и телешко месо во земјава, чии цени се 638 денари за килограм јунешко, и 689 денари за килограм телешко месо. Од друга страна, свинското месо е најскапо во Тетово каде се продавало по цена од 405 денари за килограм, што е за само 10 денари поскапо од Скопје. Најниски цени месото има во Штип каде јунешко чини 313 денари, телешко 379 денари, а свинското било најевтино во Струмица и чинело 313 денари.
Што се однесува пак до рибата, во својата анализа статистичарите го опфатиле крапот, кој исто така е најевтин во Штип и чини 259 денари за килограм, додека најскапо се продава во Скопје по цена од 347 денари.
Дури и јајцата кои исто така беа опфатени со гарантираните цени имаа разлики, па во Куманово тие биле наевтини и едно јајце чинело неполни осум денари или 7,84 денари додека во Скопје граѓаните трошеле по десет денари за јајце.
Оризот најевтино се продавал во Струмица по цена од 100 денари за килограм, а најскап повторно во Скопје по цена од 157 денари за килограм.
Што се однесува пак до млечните продукти како кашкавалот и сирењето, нивните цени исто така се разликуваат, па кашкавалот највисока цена имал во Тетово каде се продавал по цена од 575 денари за килограм, а најевтино го купувале жителите на Велес каде чинело 421 денари за килограм. Што се однесува до сирењето, традиционалното овчо бело сирење најскапо било во Битола каде се продавало по цена од 567 денари за килограм, додека најниска цена била утврдена во Штип и тоа за скоро 100 денари разлика, или поточно штипјани купувале сирење по цена од 476 денари за килограм.
Дури и бананите се продавале со голема разлика. Кумановци јаделе најевтини банани од 58 денари, додека во Велес бананите достигнале 75 денари за килограм.
Традиционалното македонско јадење, гравчето се продава по драстично различни цени низ земјата, она што најмногу изненадува е што разликата во цените надминува и 100 денари по килограм, иако Македонија е мала земја и од еден до друг град се стигнува за кратко време.
Гравчето било најскапо во Тетово, градот кој некогаш важеше за производител на најубавиот грав во Македонија. Имено тетовчани гравот го плаќале по цена од 282 денари за килограм, додека, најниска цена имало во Струмица и чинело 144 денари за килограм.
Уште еден традиционален производ на нашите трпези се јаболките, чија разлика во цените не надминува 100 денари, но сепак се забележуваат големи разлики од град до град. Па така килограм јаболки најевтино плаќале Битолчани и тоа по цена од 39 денари, додека пак најскапо плаќале велешани каде чинело 64 денари по килограм.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.