25 Април, 2024
0.0259

По Нобеловата награда за мир… ЕУ мора да преживее

Објавено во: Анализа 13 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

Европските лидери ја примија Нобеловата награда за мир во Осло. Наградата доаѓа во време на голема криза на континентот и страшна поделеност помеѓу земјите членки. Делува дека комитетот решил да ја додели оваа награда како поттик Европа да остане заедно во ова време на криза, бидејќи е навистина чудно зошто баш оваа 2012 година е избрана како година кога треба на ЕУ да и се даде награда за мир. Сепак Европската Унија во периодот на нејзино постоење успеа да го зачува мирот во нејзините граници. Од друга страна дозволи на Балканот да се случи невиден колеж и тоа во неколку наврати. Иронично тоа што денес се случува во ЕУ многумина го споредуваат со она што се случуваше овде, на Балканите пред повеќе од 20 години. Секако не од аспект на колежот, туку од аспект на поделбите на богати и сиромашни, северни и јужни. Интересно Словенците тогаш беа сметани за богати во Југославија, а денес се сиромашни во ЕУ (барем така делуваат според она што се случува низ земјата). Токму поради тоа оваа награда треба да биде причина европејците да го ревидираат она што го постигнале досега и каде ќе одат отсега па натака. Доколку некое партнерство заглави на првата поголема кривина и се распадне, тогаш тоа не би требало да постои уште на почеток. Моменталнава криза делува како таква кривина. Сега е времето кога ќе се види дали се во право сите оние кои велат дека ЕУ била труло поставена од почеток и дека токму сега доаѓа времето кога ќе треба да се плати сметката. Европската Унија има една валута, но нема една влада. Еврозоната има 17 различни влади кои влечат секој на своја страна. Без дилема тоа е и најголемата мана на еврото во моментов. Дали ќе успеат да постигнат согласнот и ќе продолжат по овој принцип или ќе бараат нови модели за преживување, тешко е да се каже, но веројатно им е потребно централизирање одредено со цел поефикасно носење на одлуки. Секако ова најмногу важи во време на криза, бидејќи во време на просперитет во основа се функционира како што треба. За разлика од Вашингон, во ЕУ треба да се искоординираат 17 лидери (реално само неколку) за да се донесе некоја важна одлука, а тоа во време кога треба да се реагира брзо може да биде голем проблем. Секоја држава има своја историја, јазик, гордост и тешко се станува само Евроопеец. Секоја влече на своја страна, посебно кога работата запнува. Тој проблем го немаат во САД каде, никој а всушност сите се Американци. Дали тој национален мост ќе биде срушен, навистина е неблагодарно да се прогнозира. ЕУ има огромна бирократија, меѓудругото и поради големиот број на нации. Притоа е преполна со апсурдни ситуации како на пример европскиот парламент, кој на секој три недели се сели од Стразбур во Брисел и обратно, поради тоа што седиштето кога се формирала унијата решиле истата да има различни ценри. И така денеска парламентарците се шетаат од една во друга земја да ја работат истата работа. Жителите на ЕУ се огорчени на бирократите поради нивната неспособност да ја решат кризата и без дилема Европа ќе мора да поработи на таа проблематика. Од друга страна денеска ви се потребни 1,3 долари да купите едно евро. Кога започна валутата беа потребни 1,17 долари. Значи и во време на најголеми премрежија еврото се покажува како релативно цврста валута во која пазарите барем засега веруваат. После сево ова, зошто беше потребна Нобеловата награда? Па, ЕУ мора да преживее... Редакција Фактор