По објавените стенограми се скараа и Грците - кој кому работел зад грб?
Објавено во: Балкан 03 Октомври, 2018
Доверливите стенограми кои вчера се појавија во весникот Катимерини од лидерските средби во Македонија, предизвикаа реакции на политичката сцена во Грција.
Грците посебно ги налути делот во кој македонскиот премиер Зоран Заев споменува дека се сретнал со европратеничката и портпаролка на Нова демократија, Мариа Спираки.
Од грчката Влада велат дека „тајните средби на специјалната претставничка на Мицотакис, ја покажуваат хипокризијата и националната неодговорност на лидерот на опозицијата“ и бараат објаснувања од Нова демократија.
„Треба да одговорат: зошто ја држеа средбата во тајност? Која е целта на состанокот пред да почне официјалниот циклус контакти на грчката Влада, со Владата на ПЈРМ? Какви доверливи пораки му пренесе на господинот Заев во име на господинот Мицотакис? Имаше ли и други такви случајни средби во кафулиња со политичката власт на соседот, што реши да ги држи во тајност?“, прашуваат од грчката Влада.
Спираки, пак, говорејќи за грчките медиуми, рече дека со Заев се сретнала случајно кога одела на кафе.
Со соопштение за стенограмите излезе и Нова демократија и ги обвини Ципрас и Коѕијас дека на аматерски начин, уште од прв момент, управувале со конкретното национално прашање .
Од грчката опозициска партија велат дека од записниците се потврдува дека „владата во првата фаза од тајните преговори се согласила со неприфатливото име Илинденска Македонија“, се потврдува дека „опозицијата нема да се согласи за договор како оној од Преспа, ниту сега, ниту како следна Влада“.
Од грчката Влада со ново соопштение уште еднаш ги поставија истите прашања околу средбата Заев – Спираки и рекоа дека чекаат одговори од Нова демократија.
Одговори за средбата бараат и од партијата Движење на промена.
Стенограмите од двете лидерски средби ги објавија германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЗ) и грчкиот весник „Катимерини“.