По референдумот студентите на отворен пленум! Продолжува борбата за подобро високо образование!
Објавено во: Македонија 12 Октомври, 2016
По успешно спроведениот студентски референдум студентите
денеска на отворен пленум ќе ги разгледуваат следните опции на делување. Првиот
референдум на кој илјадници студенти го покажаа својот став за тоа какво
студентско организирање им е потребно и како се трошат нивните пари, ги охрабри пленумците уште посилно
да ја водат битката до крај. На
студентската организација велат и треба целосно реформирање. Резултатите од
референдумот веднаш по неговото одржување по елекстронски пат ги доставиле до
ректорот и сенаторите, а очекуваат ова прашање да биде отворено и разгледано на
следната седница на Сенат.
“Веднаш по завршувањето на референдумот, откако Централната изборна комисија изврши секундарно пребројување на гласовите беше составен Записник во кој меѓу другото беа наведени и резултатите од референдумот. Со официјалните резултати, по електронска пошта беа известени ректорот, како и актуелните сенатори во Сенатот на Универзитетот.Одговор од нив засега немаме, па доколку е потребно, резултатите ќе им бидат доставени на следната седница на Сенатот”- вели Ѓорѓи Рајчиноски од Студентскиот пленум.
Референдумот, иако не е предвиден во правните акти на Универзитетот како начин на изразување на волјата на студентите, смета дека беше одлична можност за секој студент, непосредно да се изјасни за тоа какво студентско организирање сака. Процесот според пленумците е спроведен на демократски начин, почитувајќи ги сите стандарди кои го обезбедуваат правото на глас.
“Ова не само што ни дава подобра позиција во институционалното водење на битката за подобро студентско организирање, туку ни отвара можност за борба факултет по факултет со што чекор по чекор ќе ја реформираме студентската организација”- потенцира студентот.
И покрај притисоците, додава Рајчиноски, голем број студенти излегле да го искажат јавно својот став. Студентскиот референдум вели покажа дека студентот е општествено битие кое е способно да донесува одлуки кои лично го засегаат, наметнувајќи високо ниво на демократска свест која што треба да се одрази на целото општество.
“Дури сега испливува на површина она што започна со првите студентски протести пред две години, а тоа е одговорноста на студентот за својата сегашност и иднина. Во пресрет на секој протест, на секој марш постоеја притисоци и за секоја следна активност ќе постојат. Голем дел од студентите се плашат, но позитивно е тоа што поголем дел од студентите се ослободени од репресивниот државен апарат. Ќе имаше поголема бројка на студенти доколку не постоеја закани и протисоци кај голем број на студентите. Меѓутоа, ние сме задоволни не само од излезеноста на студентите на денот на референдумот, туку и од се` поголемиот број на студенти кои сакаат активно да се вклучат во реформирањето на студентското организирање”- нагласува Рајчиноски.
На студентите според него им е потребно сериозно и пред се транспарентно студентско раководство кое нема да гледа само за лични интереси, туку како да ја унапреди улогата на студентот. Раководство кое нема да се плаши јавно да каже каде ги троши парите на илјадници студенти, кое ќе се стротивстави на лошите реформи и политики. Оттука студентот полека, но сигурно како што вели се издигнува на пиедесталот и почнува да биде носител на клучните промени како рамноправен партнер во високообразовниот процес.
“Она што УКИМ треба да го направи во моментот е да сфати дека УКИМ постои заради студентите, а не обратно и неговото раководство што побрзо да го чуе гласот на студентите бидејќи тоа е насоката во која треба да се движи Универзитетот.Студентската организација која ги претставува студентите во органите на управување на Универзитетот и факултетите мора да стане тело или организациона единица во склоп на истите. Со тоа би имало поголема контрола врз трошењето на парите на студентите од страна на Универзитетот, факултетите, како и од самите студенти. Според овој принцип студентите ќе бидат заштитени од држење на студентската организација во заложништво на „претседатели“ како Кирил Спироски, кој и покрај истечениот мандат не распишуваше избори, како и од интервенции на единиците за брзо распоредување при МВР на ден на квази студентски избори”- потенцира студентот од Пленумот.
Новоформирана комисија во рамките на УКИМ треба да работи на менување на статутот во делот на организацијата и контролата врз работата на СПУКМ. Студентите очекуваат сериозен дијалог по ова прашање кое треба да биде тест за целата академска заедница.
“Комисијата за измена на Статутот на УКИМ беше надеж дека ќе се избере најдоброто решение. Меѓутоа, оваа Комисија продуцираше 2 модели, од кои едниот е веќе постоечкиот корумпиран модел со мали „шминкерски“ измени, додека вториот модел е моделот на Студентскиот пленум кој нуди потполна промена на студентското организирање. Гледајќи го составот на Комисијата и досегашната работа, ние не влеваме надеж во истата, па затоа сме подготвени да преземеме конкретни мерки со кои би го имплементирале нашиот модел”- додава Рајчиноски.
Покрај долгогодишната апатичност на македонското општество, студентите вели тој беа тие кои први се одважија да проговорат гласно за одреден проблем кој ги зесегаше, за потоа како домино-ефект да се слеат различни групи на граѓани кои ја почувствуваа потребата да бидат општествено активни. Гласот на студентите според Рајчиноски стана важен, а студентите ревносни, позрели и поподготвени за суштински и суштествени промени. Земјата како што вели полека ќе почне да излегува од кризата која трае предолго и за која беше потрошено драгоцено време, а насоката во која што треба да се движи, порачува студентот мора да ја даваат младите луѓе кои сакаат својот живот да го поминат во својата татковина.
Хелсиншкиот комитет за човекови права минатата недела поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против службените лица при Министерството за внатрешни работи, кои спречиле слободно собирање и изразување на протест на студентите. Кривичната пријава е поднесена против раководните службени лица кои дале наредба и униформираните полициски службеници -припадници на Единицата за брзо распоредување кои ја извршиле наредбата, прекршувајќи ги уставно загарантираните права на мирен собир и јавен протест.
С.Б.