Добивај вести на Viber
Забавата за деца од Четврток до Недела, ќе биде во Скопје Сити Мол, каде ќе биде организиран четвртиот Саем за деца. Богатата програма вклучува попусти и до 50% како и голем број едукативни игри, конкурси, натпревари, мини детска олимпијада, дружење со македонските фудбалски ѕвезди, претстави, како и детска модна ревија. Целодневната понуда е креирана со цел, детската радост и смеа, по четврти пат, да ги исполни ходниците на најголемиот мол во државата.
Саемот за деца е замислен како најголем собир на деца од различни возрасти, кои заедно со своите родители ќе минат 4 незборавни дена исполнети со креативни и забавни содржини. Дел од настаните кои ќе се оддржат во следните четири дена се концерт на Златните славејчиња, хип хоп level.up работилница со Ритам Плус, квизови на знаење, детски олимписки игри, надополнети со уникатна парада на декорирани бебешки колички, бебешка трка во лазење и трка со дубачиња, како и несекојдневна детска модна ревија. Сите активности, ќе бидат проследени со одлични попусти на бебешката опрема, облека, обувки, играчки и книги.
На вториот кат кај одделот за храна ќе биде поставено мини фото студио, каде ќе бидат фотографирани сите заинтересирани деца кои би можеле да станат лица на календарот на Скопје Сити Мол за 2015 година. „Биди ѕвезда во 2015” е официјалниот наслов на изборот на лица за календарот на Скопје Сити Мол. Од молот најавуваат, дека фотографирањето кое ќе се спроведе во деновите на траење на Саемот за деца, е првата фаза од изборот на слатки детски ликови. По фотографирањето, ќе бидат избрани 24, за кои ќе може да се гласа на социјалните мрежи. 12-те финални ликови ќе бидат дел од големата фотосесија за календарот, која ќе биде реализирана од позната македонска фотографка Маја Аргакиева.
За децата до 5 годишна возраст е резервирано катчето на Сити кидс клубот каде ќе се бои, игра и моделира, а за оние поголемите пак, е предвидена забава во Game Zone, местото на вториот кат каде ќе се плете со гумени ластичиња, ќе се составуваат 4 бои во низа, и ќе се игра последната хит игра на Сони, Sky Landers. Посебни физички активности за психо-моторика на деца до 7 години ќе бидат организирани во текот на целиот Саем.
На самиот крај, да не ги заборавиме и вредните награди и изненадувањата кои ќе бидат составен дел од речиси сите активности во текот на четирите саемски дена.
Сите настани се слободни за посетителите, а сите дополнителни информации ќе можат да се добијат кај организаторите на саемот.
За крај, ова е отворена покана до сите родители и деца, да се подготват за добра забава, бидејќи овој викенд, целиот Скопје Сити Мол им е посветен токму ним, притоа нагласувајќи ја радоста што токму најмладите, ќе бидат најбројни низ ходниците, во викендот што претстои.