27 Ноември, 2024
0.0266

Половина милион евра за еден ден, или зошто спортот одамна е многу повеќе од само игра!

Објавено во: Анализа 23 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Со текот на времето луѓето дошле до заклучок дека спортот е исклучително силна економска категорија поради магнетската привлечност што ја поседува. Потенцијалот што го поседува на ова поле во развиениот свет се користи до максимум. Познати ни се цените на рекламите за време на супербоул-финалето во НФЛ-лигата, знаеме и за специјалните маркетинг-тајмаути во НБА-лигата и начинот на кој Берни Еклстоун ја направи Формула 1 во еден од најинтересните спортови што се следат на телевизија, а можеше да биде само спорт во кој луѓето возат болиди во кругови. Гледајќи ги сите тие гладијатори на теренот, чувствуваме фасцинација од можностите што овие луѓе ги поседуваат. Се воодушевуваме од можноста Меси да даде повеќе од 50 гола по сезона или од издржливоста што ја имаше Шумахер кога освојуваше многу титули по ред. Денес се радуваме на успесите на Новак Ѓоковиќ, иако не е наш, на головите на ракометарите, на победите на кошаркарите... и сакаме да бидеме дел од тој успех и да се поистоветиме со него, купувајќи карта за натпревар, дрес или патики како нашиот омилен кошаркар и така натаму. И сето ова е нормално и позитивно, бидејќи на крајот и помагаме на економијата нашата земја. Како и во текот на целата сезона, беше вистинско уживање да бидете дел од речиси 7.000 луѓе во Борис Трајковски што имаа можност да го гледаат РК Металург како игра во Лигата на шампионите во ракомет. И тоа завчера, во меч што се надеваме дека, и покрај поразот, ќе не однесе во фајналфорот на ова најголемо клупско натпреварување на Стариот континент. Внатре во салата секој од нас можеше да почувствува дека е дел од Европа, културни луѓе, спортско навивање, под на кој играат ракометарите направен по стандарди, одлична атмосфера и спортско навивање. Но, да се вратиме назад на темата. Економскиот ефект од овој меч започнува од тоа што клубот се пласира во четврт-финалето, продолжува со тоа што во салата има многубројна публика и оди неколку нивоа натаму. Еве што се случува (оваа анализа секако не е точна до детаљ и нејзината основна цел е да ја прикаже магнитудата што еден обичен натпревар може да ја има кон целата економија). Во салата има околу 7.000 луѓе, да претпоставиме дека се продадени околу 5.000 карти, и тоа по просечна цена од 6 евра. Направен е приход од 30.000 евра. Да претпоставиме дека 500 од овие навивачи решиле да купат дресови од клубот и за тоа платиле по 10 евра. Потрошени се нови 5.000 евра и имаме ефект од 35.000 евра. По натпреварот околниот ТЦ Лептокарија беше преполн со луѓе облечени во дресови, кои очигледно биле на натпреварот, времето беше убаво и голем број посетители решиле да се напијат пиво, сок или нешто да каснат. Да претпоставиме дека 2.000 луѓе од присутните решиле да го направат тоа и притоа потрошиле просечно по 5 евра (ова дури може да е и конзервативна процена) и на тој начин се завртеле нови 10.000 евра, или вкупно засега 45.000 евра потрошени благодарение на еден ракометен натпревар. Но, сите не можеа да одат и во живо да го гледаат мечот. Претпоставуваме дека најмалку 300-400 илјади луѓе го гледале натпреварот на телевизија (тоа е 20% телевизиски рејтинг, што за ваков натпревар е реална бројка што може да се постигне). И токму за оваа публика постојат спонзорите. Тие сакаат да се промовираат во спортот токму поради овие гледачи. Е сега, од овие 300-400 илјади луѓе едни се дома, други кај пријатели, трети во ресторани на групно гледање и слично. Додека гледа, секој сака нешто да грицне, да касне, да се напие. Некој можеби и не сака и поради тоа претпоставуваме дека оваа публика просечно потрошила само едно евро по човек. Значи, само по 60 денари, што би рекло, ако некој испил три пива, компензира за двајца што само го гледале натпреварот. Тоа ни се нови и многу големи 400.000 евра, потенцијално пари внесени во домашната економија, или вкупно близу 450.000 евра. Е сега, иако не ги знаеме точните бројки, веројатно клубот инкасира од пласманот во четврт-финалето, добива некои средства од ТВ-правата (некаде пишуваше дека мечот ќе бил пренесуван и во Мексико). Но го знаеме моделот на ЕХФ, веројатно треба да прават поделба на средствата од спонзорите кон клубовите (доколку има доволно пари). И на крајот, да се надеваме дека добива некои дополнителни финансии од спонзорите на клубот, надвор од фирмите што се рекламираат, а се под контрола на неговиот сопственик. За разлика од фудбалот, ракометот не е толку профитабилен спорт и маркетиншки исплатлив, тоа е јасно како бел дел, и доколку сакаат профит одговорните луѓе за таа работа во Европа мора да бараат начин да го направат спортот поинтересен. Но сепак, како што гледате, ефектот од еден натпревар е најмалку половина милион евра. Замислете да имавме еден тим во Лигата на шампионите во фудбал или, пак, нашиот кошаркарски шампион да играше во Евролигата. Овие половина милион евра многу лесно ќе станеа десет. Спортот веќе одамна е многу повеќе од игра. Милан Димитриоски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.