Поради овој луксуз и исполнета желба Груевски ќе мора да лежи во затвор
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2018
На 24 јануари тимот на специјалното јавно обвинителство предводен од Катица Јанева поведе истрага под оперативното име „Тенк“.
Иако во тогашното соопштение за истрагата „Тенк“ не беше конкретно наведено, јасно беше дека станува збор за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра.
Во случајот „Тенк“, како што наведоа од СЈО во соопштението, осомничени се две лица кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ (Никола Груевски, н.з.) за набавка на „специјално возило“.
„Во конкретниот случај, постои основано сомнение дека за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење јавни набавки, незаконски да повласти, односно да фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип“, кажаа од СЈО.
Оттаму, кажаа дека „во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на Законот за јавните набавки“ и била фаворизирана една фирма со тоа што во тендерската документација биле наведени повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки, односно на конкретен тип на автомобил.
„Постои основано сомневање дека второосомничениот во постапката за јавна набавка иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило за износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.780 евра“, се појаснува во соопштението на СЈО.
Инаку, еве што зборувале поранешниот премиер Никола Греувски, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во дел од 31. „бомба“ што СДСМ ја објави на 13 мај 2015 година:
Јанкулоска: Ало
Груевски: Ало, Горде, шо праиш?
Јанкулоска: Добро, еве, малку по дома весници и така…
Груевски: За две работи те барам.
Јанкулоска: Кажете…
Груевски: Она што ми остави ти едни проспекти, ти текнува?
Јанкулоска: Да, да… Јас да Ви кажам, не Ви вршев притисок ама…
Груевски: Тоа на М… на М…
Јанкулоска: Е, добро, океј…
Груевски: Да не зборам сеа, вака…
Јанкулоска: Да, да…знам ,знам, точно… ако има шанса да ми го вратите проспектот за да го напраиме ко шо треба, да не утнам нешто…
Груевски: Тој ми е тука пред мене, тие другите два не знам кај ми се… тоа тебе не ти требаат другите.
Јанкулоска: Не ми требат другите, тој шо треба е кај вас…. хахах
Груевски: Да… Ба ги видов сите три пошто овој го одвоив, тој терај го, ќе видиш таму што треба, фул све…
Јанкулоска: Да, де… Па затоа и да видам попрецизно да биде ко шо треба ахах… Пратете ми го Вие…
Груевски: И битно ми е позади, позади да има екрани… коа се возам со маливе…
Јанкулоска: Да, да, да…нема проблем, таму имаше у тој јас, се сеќавам и јас го листав, нема проблем тој ќе го напраиме…
Груевски: Друго ќе видиш тој е фул као за….
Јанкулоска: Да де да, не, не, не океј си е…
Груевски: … Се знае тоа…
Јанкулоска: Мислам таму не може да има промашај на таа варијанта…хахах
Груевски: Да, да.
Јанкулоска: Така да супер…
Груевски: Така да почни ја постапката, терај ја.
Јанкулоска: Да, да, да, ние ќе го напраиме само Вие пуштете ми го назад проспектов, за да…
Груевски: Утре го добијаш…
Јанкулоска: Да, да, да, да биде ко шо треба работава… Сеа да не зборам и ја многу…
....
Апелацискиот суд во Скопје како неоснована ја одби жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Тенк“ и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.
Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.