Поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ нанижа три тендери со нова фирма
Објавено во: Економија 28 Октомври, 2024
Сашо Дукоски, познат во јавноста како поранешен директор на Државниот инспекторат за градежништво во чие време беше урнат со динамит станбено-деловниот комплекс „Космос“ во 2011, за кратко време со новоформирана фирма доби три тендери за медицинска опрема.
Дукоски на 20 февруари годинава како поединец ја основа „СС Солушнс“ со седиште во Центар со дејност неспецијализирана трговија на големо. Следниот месец во март 2024 Дукоски со „СС Солушнс“ отвора подружница - складиште во населба Гази Баба, а истиот месец ја додава дејноста продажба на лекови (трговија на големо со фармацевтски производи) со експресно решение од Агенцијата за лекови.
Очигледно за брзо време започнало и учеството во трката за договори за јавни набавки, што на 16 мај резултирало со добиен тендер за околу 150.000 евра доделен од Институт за трансфузиона медицина на РСМ. „СС Солушнс“ го победил „Фармахем“ и за 9,5 милиони денари со платен ДДВ требало да набави центрифуги за кеси со крв и други додатоци.
Потоа следувале два договори со Општа болница Велес. На 24 јуни бил склучен договор од 2,5 милиони денари со ДДВ (околу 40.000 евра) за набавка на хируршка маса. На 2 септември „СС Солушнс“ добил договор за набавка на авторефрактометар со вредност од 10.500 евра (со вклучен ДДВ) во понуда која не била најниска во конкуренција на тројца понудувачи. Во сите три набавки кои ги добила фирмата на Дукоски биле понудена пониска цена од проценетата вредност на набавката.
Дукоски во моментов е еден од потпретседателите на Сојузот на стопански комори на Македонија. Своевремено беше тематски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за транспорт и врски. Покрај тоа што беше директор на Државниот инспекторат на градежништво, во времето на власта на Никола Груевски беше и член на Управниот одбор на Тутунски комбинат Прилеп.
„Фактор“ испрати прашања до Дукоски кога последен пат извршувал партиска или каква било функција поврзана со државата и дали правното лице СС Солушнс и натаму ќе учествува на огласите за јавни набавки, односно поконкретно со која дејност се занимава оваа фирма на слободниот пазар, но одговор не добивме.
А.К.