24 Април, 2024
0.0327

ПОТРОШЕНИ МИЛИЈАРДИ, А ЕФЕКТ НЕМА: Колку пари за девет години даде државата за субвенции за трето дете?

Објавено во: Анализа 25 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Владата потрошила безмалку 208 милиони евра за исплата на додатокот за трето и четврто дете, за девет години. Во истиот тој период бројот на новородени деца паднал. Фактор побара и доби податоци од Министерството за труд и социјална политика. Анализата покажува дека и покрај сумата која е издвоена да се помага родителството на повеќедетни семејства, мерката воопшто не го дала очекуваниот резултат. Од Министерството дури велат дека, ако се сакало да се помогнат посиромашни семејства, тоа не е постигнато затоа што пари добивале побогатите. Подготвуваат нов закон, но не се прецизира дали овој додаток ќе биде укинат.

СЕКОЈА ГОДИНА ПОВЕЌЕ

Во сумата од 208 милиони евра влегуваат и додатокот за трето и за четврто дете, сепак, над 95 отсто од парите се тие со кои се помогнати мајките за третото дете кое го родиле. Субвенциите за четврто дете се помалкубројни, а сумата изнесува по околу три отсто од вкупно исплатената на годишно ниво во просек.

Ако се анализира по години, секоја наредна сума потрошена за додатоци за трето и четврто дете расте. Мерката почна да се спроведува во 2009 година, што значи дека пари за оваа намена се одделуваат веќе девет години. Лани сумата изнесува речиси 43 милиони евра, претходната година за трето и четврто дете државата дала 38 милиони евра. Од 2012 до 2015 година се доделени речиси 102 милиони евра. Во 2010 Владата потрошила 9,3 милиони евра, следната година се 11,5 милиони евра. Првата година кога додатокот почнал да се исплаќа за оваа намена издвоени се 4,2 милиони евра. Таа година имало 1.898 корисници за трето дете, а 533 за четврто. Додека во 2017 година субвенција за трето дете добиле 26.778 мајки, а само 782 семејства се на листата кои примале субвенции за четврто дете.

Дали овие пари го постигнале ефектот?

Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека во Република Македонија во 2017 година се родени вкупнo 21 946 деца, од кои 21 754 живородени и 192 мртвородени деца. 

Бројот на живородените деца во 2017 година, во споредба со минатата година, е намален за 5.4 %. 

ДОДАТОКОТ ЌЕ ОТИДЕ ВО ИСТОРИЈАТА?

Додека за тоа има дилема во јавноста и во Министерството сметаат дека стимулацијата воопшто не била креирана како што треба.

„Податоците покажуваат дека самата мерка нема никаков ефект врз наталитетот односно стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година, но и дека истата била лошо дизајнирана од самиот почеток. Така, на пример, додаток за трето дете добивале семејства кои се во многу добра економска состојба и немало никакво ограничување во однос на ова“, велат за Фактор од Министерството за труд и социјална политика.

Не планираат додатокот да се зголеми, напротив, најавуваат и комплетно нова реформа.

„МТСП работи на целосна реформа на системот и воспоставување на нов, правичен и пред се ефикасен систем за социјална заштита. Новиот закон е во изработка и ќе биде предмет на широка консултација со јавноста, се со цел да обезбедиме еднакво општество за сите и враќање на парите кај граѓаните. Новиот закон ќе ги зголеми социјалните трансфери но и ќе ги насочи средствата кон оние граѓани на кои им се најпотребни“, велат оттаму.

Сметаат дека новите реформи ќе ги извлечат од сиромаштија тие кои се во таква состојба, а не такви кои ќе креираат социјален мир.

Висината на правото на родителски додаток за дете (за трето дете) за 2018 година изнесува од 8.362 денари. 

Правото го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање,  чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.  Правото не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар-специјалист по гинекологија и акушерство.


И.С.