ЗАМИНУВААТ ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ: Дали платите на Филипче ќе ги задржат лекарите во Македонија?
Објавено во: Економија 24 Август, 2018
Последниве години има масовна појава на лекари и медицински персонал кои заминуваат надвор, поради повисоките плати и можности за напредување во професијата. Со години наназад ни се случува лекарски егзодус а дали платите кои ќе пораснат за пет отсто од септември ќе бидат мотив здравствените работници да му дадат шанса на македонското здравство и Филипче уште еднаш ќе оставиме да покаже времето.
Зошто одлив на лекари и како да се спречи
На лекарскиот егзодус влијаат повеќе фактори кои може да се групираат во неколку категории, но преовладуваат желбата за професионален развој, и повисоките примања со кои еден лекар може да обезбеди поквалитетен живот во некоја од западните, а понекогаш и во арапските земји. Дополнително, миграцијата на здравствениот персонал се должи и на соодносот на производство и побарувачка на лекарите на домашниот и на странските пазари за вработување, велат познавачите.
„Ниските примања, и малите можности за самостоен и достоен живот не насочуваат да бараме развој на својата кариера некаде каде ќе имаме поголеми можности за професионален и личен развој. Се соочуваме со песимизам, разочараност и огромна демотивираност до толку што колегите не се ни надеваат дека воопшто постои можност да се променат работите на подобро“, вели лекарка од Скопје.
Македонија секојдневно ја напуштаат се повеќе лекари.
„Вратите во светот ни се широко отворени и наместо репресивни закони треба да носат стимулирачки закони кои ќе обезбедат минимум достојни услови за работа и едукација, со цел да се намали одливот на лекари, вели медицинската сестра Маја од внатрешноста на Македонија.
Таа посочува дека никој не сака да си го напушти својот дом и своето семесјтво, но дека се потребни промени во здравството .
„Така беше пред неколку години но и во моментов најдобра инвестиција за секој лекар е да научи јазик и веднаш да се вработи во било која европска земја. Платите навистина се мали, тоа што се најавува нема да ја подобри многу ситуацијата“ - потенцира друга лекарка.
Шпанија ми го даде она за кое во Македонија само можев да сонувам
Контактиравме македонски докторка, која неколку години работи во Барселона. Кога ја прашавме со дали би се вратила да работи во Македонија Стојменова вели:
„Додека живеев во Скопје по завршувањето на студиите моите опции беа дали да седам дома или да земам приватна специјализација, која чини меѓу 8 и 10 илјади евра, а која ниту јас ниту моите родители можевме да ја покриеме. Секако постоеше опција и за волонтирање, но без никаков надоместок.“
Се работи за докторка кој во последните специјализирала интерна медицина во регионалната општа болница Матаро (Consorci Sanitari del Maresme, Hospital de Mataró).
Во Шпанија добила можост да работи и паралелно да специјализира.
„Двата услова за да работам во Шпанија, беа тест за шпански јазик, и тест за медицинско знаење (MIR), критериуми кои се исти за сите без разлика на националноста. Од 10 илјади пријавени јас бев 4400 на списокот, со што добив бесплатна државна специјализација по мој избор, а со тоа и вработување во времетраењето на истата.
Во државното здравство просечна месечна плата на лекар специјалист во Шпанија е четири – пет пати повисока од истиот специјалист во Македонија, и изнесува од 2000 до 2500 евра месечно. Дежурствата се исто така добро платени, по 400 евра просек за работен ден, додека животните трошоци пропорционално не се толку повисоки-раскажува нашата соговорничка.
Дали поголеми плати ќе го запрат одливот на доктори од државата?
Претседателката на Здружението на приватни лекари доктор Лилија Чолакова најавуваше дека ќе упати повеќе предлози до креаторите на политиките во здравството со цел лекарите да се мотивираат да се задржат во Македонија.
Институциите мора да најдат средства за квалитетно плаќање на лекарската фела, рече таа во едно интервју додавајќи дека со тоа ќе им се овозможи да се обнови апаратурата и да се пружи квалитетна здравствена заштита.
Чолакова во интервју за РСЕ посочуваше дека бараат да има преоден период во кој ќе се смени начинот на плаќање во примарното здравство меѓу другото и со зголемување на средствата за капитација.
„Во тој преоден период би била капитацијата со покачување до 20 отсто за материјални трошоци во целата примарна здравствена заштита. Во подолг рок нудиме да има множење на коефициент од два ипол од просечната плата. Цел ни е да ги задржиме младите лекари со солидна плата и да може барем малку да го стопираме моментот на одливот на лекари од секој дел на Македонија“, смета Чолакова.
Лекарски егзодус и од регионот
Меѓу оние фели чиишто кадри особено се „ситнат“ е докторската, покажа регионалното истражување за миграција на здравствениот персонал во Македонија, Албанија, Србија и Косово спроведено од „Хелтгрупер“ во 2016 година.
Според тоа, само последниве три години повеќе од 1.780 лекари од овие четири земји заминале да работат во странство. Овој тренд е во постојан пораст, особено меѓу помладите генерации лекари. Два клучни фактора кои влијаат врз лекарите да се преселат се: желбата за професионален развој и повисоките приходи. Дека овие два фактора се важни за нивните размислувања да заминат во странство укажале 80% од анкетираните во Македонија. Меѓу другите причини се наведуваат политичката состојба, подреденоста и партизацијата.
Македонија се соочува со т.н. „бела чума“, незпирливо и во загрижувачки размери. Економистите предупредуваат дека доминантна категорија на оние што заминуваат се невработените млади што може негативно да влијае врз вкупната состојба на пазарот на трудот.
И. С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.