Добивај вести на Viber
Граѓанските протести во Хонг Конг за остварување на демократските права ги покренаа студентите, а ги води едно 17-годишно момче. Џошуа Вонг никако не се вклопува во сликата за еден лидер на демонстранти, но ужива голема доверба, како кај своите врсници, така и кај оние постарите кои досега немале храброст да се спротивстават на одлуките на официјален Пекинг.
Своите први чекори во граѓанскиот активизам Вонг ги направил на 15 години, а година дена подоцна ја основал групата „Сколаризам“, составена од ученици кои се залагале против воведување на училишна програма во целост под патронат на Пекинг. Протестот им успеал, реформите биле стопирани, а Вонг го поддржале дури 120.000 врсници.
Овој протест сега започна на 22 септември, откако Конгресот донел нови правила според кои на изборите во Хонг Конг ќе можат да се појават само два или три кандидати кои претходно ќе ги одреди Пекинг.Откако беше објавена одлуката, приврзаниците на Вонг се обединија во продемократското движење „Окупирај“, составено од постари студенти и ветерани во демократскиот активизам.
Без разлика на својата младост, Вонг доби лидерско место во движењето, а како влезница за оваа позиција му послужи и изјавата дека во секоја борба влегува како да е финална.
„Компромис пред воопшто да започнеш да се бориш е нелогичен. Возрасните сакаат да зборуваат за политички односи, но тука се гледа дека Пекинг не сака да ни дозволи нешто што ние го сакаме. Ако не вршите притисок, нормално е дека никој нема да ве слуша“, рече Вонг.
Тој во саботата беше уапсен откако ги повика демонстрантите да се соберат и да ги окупираат зградите на властите. Беше пуштен по 40 часа, без обвиненија, но полицијата најави дека го задржува правото да го процесуира подоцна.
Во меѓувреме, на протестите во Хонг Конг повторно се зголемуваат тензиите. Десетици илјади луѓе на улиците, на кинескиот национален празник, му дадоа рок до утре на шефот на локалната администрација Леунг Чун Јинг да отстапи.
Во спротивно најавуваат уште еден обид да ги окупираат владините згради. Демонстрантите се незадоволни затоа што Чун Јинг не ги споменува нивните барања, туку изразува задоволство со одлуката на Пекинг да одобри универзално право на глас на изборите во Хонг Конг од 2017 година.
Кина протестите во Хонг Конг ги смета за нелегални и за закана за општествената стабилност.