Добивај вести на Viber
Училишните униформи, кои сеуште се актуелни во некои држави во светот почнуваат да се враќаат и кај нас. Дилемата е дали тие ќе станат традиција, добар бизнис или сузбивачи на и онака продлабочените класни разлики во земјава?
Велика Британија, Индија, Јапонија одамна трендот на носење на училишни униформи го зацврстиле на ранг на декрет, дотаму што дури и секој универзитет или средно училиште има своја униформа која е белег на институцијата. Нема сакам - несакам,” или си или не си“ во системот и правилата на институцијата.
Во Македонија носењето на училишни униформи –“кецели” е дамнешна практика која малкумина на ново на училишта сакаат да ја вратат назад. Дел поради мода, дел пак поради немање пари за да ги снабдат своите деца со најмалку два комплети од работната облека која се нуди како опција по училиштата. Училишните униформи се тема за дебата на родителските состаноци особено во основните и дел од средните училишта.
Униформи-бизнис или знак на распознавање!
К. Илиевска, мајка на три деца од 14, 11 и 7 години, вели дека идејата за училишни униформи за неа е чист бизнис на поединци кои сакаат на грбот на децата да стигнат до денар повеќе. Досега повеќепати на училишните и советите на родители се дискутирало за воведувањето на училишни униформи, но никој не ја поставил темата како истите да се платат, особено ако има повеќе деца во семејството. Според неа, има уште многу работи кои треба да се решат во образовниот систем, бидејќи сеуште има стари и дотраени училишта, без квалитетни инсталации и санитарни чворови, ладни училници, а дури потоа да се мисли на униформите.
“Јас и да сакам неможам со скромна плата од едвај двеста евра, да си дозволам дополнителен трошок-училишни униформи. Колку и идејата да е добра да не се чувствуваат децата пониско од оние кои можат да си дозволат повеќе, јас неможам да им го приуштам тоа на своите деца. На скоро секоја родителска се става ова прашање на дневен ред, но кога ќе кажат дека најмалата понуда е околу 800-1000 денари за еден комплет, а се потребни најмалку два за да може да се преперат алиштата, сами пресметајте кој може со работничка плата да го поднесе и овој трошок. А, плус што јас имам тројно поголема обврска”-вели К. Илиевска.
Според дел од експертите униформите имаат своја предност - не прават статусна разлика меѓу децата во однос на брендови, ја заштитуваат нивната приватна облека, претставуваат заштеда за семејството, и на еден начин ученикот е видлив кога се движи надвор од образовните објекти. Но, според други пак,во денешно време, кога децата сакаат да го покажат својот стил на облекување, ваквата униформираност им е тешко прифатлива. Стилот на облекување е нивен личен белег, ја покажува нивната креативност, и постои одбојност кон униформите.
Униформата белег на пристојност и авторитет!
Не само за учениците, работна униформа треба да има и за наставниот кадар, смета Благица Петковска, професор по методика на настава по македонски јазик на педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје и долгогодишен член на Сојузот на просветни работници. Вели, униформата за наставниците е полезна, бидејќи во училиштето треба да се создаде работна атмосфера.
“ На пример, на часот по македонски јазик за кој предавам методика е потребна работилница, и мислам дека би било убаво и наставникот да е вклопен во средината со децата, да е посветен, а униформираноста само ќе му помогне полесно да ги совлада и пренесе задачите на студентите а тие пак на своите ученици. Од друга страна, на оваа економска криза е олеснително и за една учителка како ќе биде облечена во училиштето имајќи во предвид колкави се нивните плати”-смета професор Благица Петковска.
Дел од професорите кои предаваат на Педагошката академија во Скопје која е расадник на идните наставници во предучилишното и основното образование велат дека униформата треба да стане белег и задолжителен состав на работата-просветен работник. Поради се понагласените класни разлики, велат, ние сме општество со чувствителни луѓе и евидентни социјално-финансиски разлики кои го наметнуваат чувството на пониска вредност, а некои неможат да го понесат тој финансиски товар. Униформата треба да биде функционална, а не безлична, треба да се носи со почит и задоволство, што не значи бедност на духот, туку напротив созревање и создавање сопствен автономен пристап до учениците.
“Бидејќи и самата како дете имам носено униформа сметам дека таа е огледало за организирано училиште, дава белег и идентификација. Може убаво и свежо да делува. Мене како методичар по настава не ми е пријатно кога ќе се види невкус кај наставниците,со сите “ џинџири –минџири”, преукрасена коса, облека. Во училиштето, да не заборавиме се создава атмосфера, а не престиж кој обележува личен статус. На новите генерации на наставници треба да им се објасни, да се постави прашањето за кодекс на облекување,да се поработи внимателно што значи униформата, не униформирање и безличност и губење на авторитетот, но училиштето да има дисциплина и работна атмосфера што ќе влијае и на дисциплинирање како општество. Кога се работат мисловни процеси тогаш елегантната и пренагласена облека пречи.”-додава професорката Петковска.
Образовните институции како модни писти!?
Образовните институции не се модна писта ниту за наставниците, а уште помалку за учениците, вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска- основач и директор на Академијата за протокол на Македонија. Според неа училиштата не се фабрики, ниту болници. Важно е само и едните и другите, впрочем и сите ние, да внимаваме облеката да биде пристојна, чиста и соодветна за на работа и да не претставува како професионалци, а не како секс симболи.
“Јас сум секогаш повеќе за пристојна облека, отколку што сум за униформи. Малку сум скептична за идејата некоја општина, или некое училиште, да има униформи, а друго не. Тоа е исто како во една амбуланта да воведете мантили, а во друга не. Во однос на наставниот кадар, апсолутно е точно дека наставникот мора да претставува пример за учениците. Неговата облека треба да сугерира авторитет и професионалност, но не и строгост и дистанца од учениците. Училиштето не е место каде што наставниците треба да носат фармерки, кратки здолништа, пресилна шминка или накит. Сите тие детали го одвраќаат вниманието од она што тој го говори. Но, облеката на наставникот треба да е пријатна, удобна, со пријатни бои, посебно кога се работи со малите одделенија или градинките”-вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска.
Навики “Од седум до седумдесет”!
Секоја образовна институција, според Маљковиќ- мора да постави правила која облека прифатлива, а која не. Тие правила треба да се почитуваат од сите учесници. Децата од мали ги добиваат тие навики. Доколку на ученикот му се дозволи да дојде на испит во шорц или високи штикли, тогаш тие навики ќе му останат и за во иднина, кога така облечен ќе доаѓа и на работното место. Апостолки, чизми над колена, проѕирни материјали и чипка, прекуси здолништа, откриени мешиња, тесна облека, вечерна шминка, мрежести чорапи, високи штикли...ним местото не им е во училиштето!
“Не станува збор за стручна помош туку за малку личен осет за она што е соодветно како работна облека, а што не е. Тука мора да се постават некои граници - и од страна на родителите, и од страна на училиштата, но секој мора првин да се погледне во огледало и реално да оцени како изгледа и дали така смее да оди на работа. Ако нема пропишани правила, веројатно и ќе смее”-додава Маљковиќ-Атанасовска.
Според дел од психолозите, класните разлики неможат да се надминат преку воведување на униформите во училиштата, но тие би можеле да бидат превенција во делот на понатамошното сексуално образование. Општините треба да направат консултација и со стручнителица како психолози и педагози, во каква функција најдобро ќе се прилагоди идејата за воведување на работната облека во училиштата, како за наставниците така и за учениците.
Општината Аеродром најави дека веќе од следната учебна година, учениците во сите осум основни училишта ќе добијат 5.700 училишни униформи за кои од општинската каса ќе се одлеат 7 милиони денари. Училишни униформи имаат и учениците од неколку средни училишта во Скопје, но тие се на товар на родителите и чинат од 700 до 1200 денари за комплет.
С.Б.