25 Ноември, 2024
0.0289

Предностите на погрешните предвидувања

Објавено во: Анализа 13 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Без никакви дилеми,  луѓето сакаат да предвидуваат што ќе се случи во иднината. Исто така факт е дека луѓето сакаат да слушаат што другите мислат дека ќе се случи во иднината. Доколку се обидеме да се сетиме за што се сме дискутирале минатата недела, сигурно ќе ни текне на некое предвидување што или сме го чуле или ние сме го кажале. Сепак, и покрај толку голема пракса која ја имаме во предвидувањата се чини никако да почнеме да погодуваме во некој сериозен процент.

Бидејќи ова е економски портал, претпоставувам дека повеќе ве интересираат предвидувањата на економските теми. Една од поубавите работи на интернетот е дека истиот памти како слон. Во основа се што ќе објавиш некаде останува забележано. Сите оние кои биле активни инвеститори секако дека им е добро познат следниов форум, во кој нормално и јас како надежен инвеститор самиот сум членувал и пишувал

http://www.mojnovac.net/forumi/forumdisplay.php?f=25 Ако имате време и желба потрошете десетина минути во времепловот кој ви стои на располагање. Предвидувања на тони и генерално погрешни. Секој со своја причина и со своја идеја си пишувал што мисли дека ќе се случува со движењето на берзата или економијата. Фантастични приказни за тоа кој ќе ја купи КБ или како утре ќе влеземе во НАТО и секако неодминливото  “само што не тргнало” , надополнето со дека треба да се врземе дека ќе сме полетале. Од друга страна голем број предвидувања дека се е црно и дека светот ќе отиде во мајчината, еврото ќе го снема, Европа секако дека ќе се распадне итн. Значи буквално ги имаме двете страни на спектарот, и во основа еден куп погрешни тези и размислувања. Претпоставувам дека ќе кажете, форумите не се место каде треба да се бараат информации. Точно, така е. Претпоставувам и дека весниците каде што се цитираат изјави на експерти или каде што текстовите ги пишуваат паметните луѓе  треба да се релевантен извор на информации. Да е жив и здрав интернетот и тоа може да го провериме. Јас направив вака: на гугл побарав “сега е време за инвестирање во акции” и го добив следниот текст http://kapital.mk/mk/magazin/67964/vo_banka_sigurni_6,_fondovite_ochekuvaat__i__10_prinos.aspx Во мај 2011 година кога индексот на берзата бил преку 2.600 поени и текстов сугерира дека бил потценет. Денеска индексот е 1.730 поени. Во основа тогаш изнесеното тврдење не е неточно. Едноставно, доколку тогаш индексот бил потценет, денеска е уште попотцнет и тоа е тоа. Со новото предвидување, старото се заборава. Горниве примери се случајно избрани, меѓутоа одберете било која архива на весници или било какви написи ќе видите дека постојат исклучително голем број на прдвидувања и нерелевантен број на погодици.  Ова не е пракса само за Македонија, па така типичен пример е бројот на луѓето кои ја предвиоа големата криза. Нив може да се наброите само на прсти (можеби само на едната рака). Доколку се согласиме дека се ова што е наведено досега е точно, зошто тогаш упорно предвидуваме и се правиме паметни. Според доста анализи главната причина за тоа е феноменалниот сооднос ризик/награда за предвидувањата. Што значи ова? Шансите некој да ни го треска од глава лошото предвидување е скоро нула. Додека пак доколку нешто погодиме, со тоа можеме да се фалиме пред сите, како на пример кога објавивме дека ФАКТОР погоди еден месец однапред кој ќе биде претседател на САД, анализа базирана на феноменот на точни предвидувања на берзата. Впрочем Нуриел Рубини стана планетарна ѕвезда која ја предвиде големата криза и сите го паметат по тоа, но  луѓето многу малку се сеќааваат дека продолжените прогнози за пропаст на светот некако не му успеваат. Еден типичен пример од таков тип во САД  е предвидувањето кое директорт на ECRI (влијателен независен економски институт) го направи пред 13 месеци за тоа дека САД влегува во рецесија. Ете 13 месеци пројдоа, а рецесијата никако да дојде. Е сега интересно е што доколку САД влезе во рецесија некаде наредната години, ECRI ќе кажат:  “Ние погодивме пред две години”. Така да поентата е јасна, предвидувај колку што можеш повеќе, ако погодиш одлично, ако не одиме понатака додека се погоди. Значи спас од предвидувања нема, освен ако не земеме во предвид некои интересни алтернативни решенија како на пример она дека треба да има пазар на предвидувачи. На едно место да се ставаат предвидувањата па убаво да се гледа и води евиденција кој што погодил или погрешил. Како сето ова би се извело не ми е баш јасно. Друга варијанта е онаа што ја читавме за земјотресот во Италија, каде неколку сеизмолози може да бидат обвинети дека недоволно ги алармирале жителите на Аквила. Прашање е дали оваа работа ќе пројде на суд, но секако тера на размислување дали казнувањето за лошо предвидување е паметна работа. Во дискусиите што се водат се вадат заклучоци дека доколку вакви работи се казнуваат тоа може да ги дестимулира научниците воопшто да предвидуваат земјотреси (што на прва и не е така лошо), но воедно ова може да биде и страшна работа. И втората последица на пример би можела да биде инфлација на црни сценарија, што би рекло од страв некое сценарио да биде остварено ќе се чука (често непотребно) на сите ѕвона. Правилно решение се чини нема. Бомбардирани сме од предвидувања и вести. Тоа не може и не треба да го запреме. Така било секогаш, само сега има медиуми кои веста може да ја пренесат во една секунда на сите страна на светот. Најпаметната работа која може како индивидуи да ја направиме е да бидеме малку поскептични, убаво да ги проверуваме сите информации и да процениме кои вести и предвидувања да ги сфаќаме здраво за готово.  А, предвидувачите сами по себе не претставуваат никаков проблем и што е најбитно постојат и некои многу точни предвидувања. Само треба повеќе да се потрудиме да ги најдеме.   Милан Димитриоски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.