Добивај вести на Viber
Агенцијата за храна и ветеринарство лани пет месеци не ја спроведувала програмата за безбедност на храна, поради тоа што не склучила договор со надлежните лаборатории. Ова го тврди дополнителниот заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски, повикувајќи се на официјални документи од кои може да се види дека во периодот од 2 мај до 17 септември 2015 година, Агенцијата не го имала склучено вообичаениот договор со Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје и Фитосанитарната управа. Според документите кои ги објави Николовски, ваквиот договор со овие институции, Агенцијата го имала склучено до 2 мај лани и потоа од 17 септември 2015 година.
-Тоа значи дека во овој период не се правеле микробиолошки испитувања , не се испитувало присуство на тешки метали и нитрати во одредени видови прехрамбени производи, остатоци од пестициди во храната, како и можно присуство на ГМО храна. Штетни материи и супстанци, чии последици по вашето здравје ќе ги осетите после неколку месеци или години од нивното конзумирање. Прашуваме дали можеби сме пиеле млеко од заразени животни, сме јаделе колбаси и месо со биорезидуи, домат со пестициди или спанаќ со тешки метали, а тоа никој не го знае, односно дали АХВ тоа го проверувала?Прашуваме дали храната наменета за доенчиња и храна за специјални медицински цели, сладолед и слаткарски производи, биле сигурни?, изјави дополнителниот заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски.
На обвинувањата од Николовски, возврати директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Поповски. Според Поповски потврда за безбдноста на храната и спроведените контроли бил извозот на македонски производи во странските пазари. Тој тврди дека безбедноста на храната постојано се контролира, и оти има разлика помеѓу мониторинг и контроли. Поповски потврди дека во петте месеци што ги посочува Николовски немало склучен договор со надлежните институции, но дека причината за тоа бил новиот систем за јавни набавки.
-Николовски не прави разлика меѓу мониторинг и официјални контроли. Изнесува неосновани обвинувања зашто не ја разбира проблематиката. Официјалните контроли се вршат во текот на целата година, а мониторингот е неофицијална контрола која може да се спроведува во кој било период од годината и не ја потврдува безбедноста на храната, туку е алатка за евентуална анализа на ризик. Периодот во кој не се склучени договорите не влијае врз спроведување на монитрингот програмите. А тие програми сами по себе не ја потврдуваат бебедноста на храната, туку се пошироки показатели за да се направи анализа на ризик , врз која ќе се базираат официјалните контроли, изјави директорот на АХВ, Зоран Поповски.
Што опфаќа мониторингот на безбедност на храна?
Лани за Програмата за мониторинг на безбедност на храна од буџетот се издвоени 163 илјади евра. Во програмата е точно предвидено од кој производ колку мостри треба да се земаат во текот на годината. Посебно внимание според Програмата треба да се посвети на микробиолошките критериуми што е според европските регулативи, поради што како што се наведува во Прогрмата планирано е да се земат по 60 мостри од секој вид храна предвидена за анализа на присуството на микробиолошките контаминенти, односно вкупно 410 мостри, и тоа: храна готова за консумирање наменета за доенчиња и храна готова за консумирање наменета за специјални медицински цели, сладолед, слаткарски производи, термички необработен пилешки стек, производи од мелено месо пред термичка обработка, мајонез, претходно исечкан зеленчук.
-Целта на оваа програма е одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната, утврдување на присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите кои доаѓат во контакт со храната, мониторирање на можно присуство на ГМО храна, мониторирање на органските производи, утврдување на безбедноста на храна за различни други параметри, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот,
стои во Програмата за мониторинг на безбедност на храна за 2015 година објавена во Службен весник.
Директорот на АХВ Поповски, изјави дека мониторнгот не е врзан за рокови, но во Програмата во делот за мониторинг за присуство на резидуи од пестициди во зеленчук и овошје, може да се забележи дека точно е пропишано од кој прозвод во кој период од годината треба да се земаат мостри. Кај дел од овошјата и зеленчукот ваквиот мониторинг според Програмата требало да се прави токму во месеците кога АХВ поради несклучените договори не го спроведувала. На пример во Прогрмата пишува дек мостриите за лук се земаат во јуни и јули, за млад кромид мај и јуни, за грашок и грав во април и мај,за вишни, цреши и кајсии во јуни и јули, за јагоди во мај и јуни, за домати и пиперки мостри треба да се земат во август, септември и октомври.
Токму ваквата мониторинг програма во периодот кога беа аферите со појавата на бактеријата листерија во дел од сувемснатите производи и афлатксинот во дел од увозните млека, беше посочена дека е важна алатка за проверка на безбедноста и квалитетот на храната.
Николовски: АХВ не ја споведувала Годишната наредба за заштите на животните
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство обвини дека во истиот период кога не се спорведувал мониторингот, АХВ не ја спроведувала ниту Годишната наредба за заштита на животните.
-Ова на своја кожа, најдиректно го доживеал сточар од Светиниколско.Кај него во фармата се зема крв од кози и овци за испитување на бруцелоза на 12.5.2015, а известувањето од лабораториското тестирање е издадено на 29.9.2015 година, додека решението за прогласување на заразна болест бруцелоза од страна на инспекторот е на 5.10.2015 што значи дека дури тогаш сточарот дознава дека има болест во неговото стадо.Во меѓувреме сточарот заедно со целото семејство и вработените консумирал од млекото а исто така и го ставил во промет. Сведочи дека тој и неговото семејство, меѓу кои и 5 годинишно внуче биле жив експеримент на пропустите на АХВ, изјави Николовски.
Сточарот од Светиниколско чија изјава во видео снимка ја презентираше Николовски, е револтиран што пет месеци немал добиено никакви резултатите од земените мостри од страна на инспекторите.
-Ние можевме цела фамилија да се заразиме, и моето внуче пиеше од тоа млеко а тоа млеко го дистрибуиравме и во млекарниците што откупуваат во овој регион. Тогаш ми земаа мостри од млекото и инспекторката ми рече дека е исправно. Јас искрено се сомневам и не знам каде да се обратам. Јас сум револтирам што пет месеци немав никакви резултати, се работи за моето здравје, за здрвајето на моето семејство но и на потрошувачите. Ние бевме живи екпсерименти, вели сточарот од Светиниколско, вели сточар од Светиниколско.
Директорот на АХВ Поповски, тврди дека Годишната наредба за здравствена заштита се спроведува, и најави дека случајот со сточарот од Светиниколско ќе биде истражен.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: