Добивај вести на Viber
Британскиот главен град Лондон ги отфрли плановите за изградба на нов супермодерен футуристички аеродром во источниот дел на градот, со образложение дека е неекономичен и не одговара на потребите.
Со тоа му е зададен силен удар на главниот промотор на новиот аеродром, градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон.
Сепак, комисијата која ја назначи британската Влада со задача да ги утврди потребите за изградба на аеродроми во Велика Британија, соопшти дека „не е уверена дека изградбата на голем аеродром на вештачки остров во устието на Темза е вистински одговор за потребите на Лондон, како и за потребите на воздушното поврзување на цела Британија“.
„Иако ја препознаваме потребата за нов аеродром, веруваме дека тој треба да биде дел од ефикасен систем за да се задоволат потребите на големиот и разновиден пазар каков што е Лондон“, се наведува во соопштението од Комисијата, во кое се додава дека постои сериозен сомнеж во врска со работата на потенцијален голем аеродром на устието на Темза.
Притоа се нагласува дека реализацијата на овој проект би била исклучително скапа, како и дека еколошките проблеми би било тешко да се надминат.
„Дури и најмалку амбициозната верзија на проектот би чинела меѓу 70 и 90 милијарди фунти, со големо учество на јавните финансии, во износ од 30 до 60 милијарди фунти“, се наведува во соопштението.
Одлуката за елиминирање на овој проект, наречен „Островот на Борис“ според градоначалникот на Лондон, остави отворени три можни решенија: да се додаде трета писта на аеродромот Хитроу, да се продолжи постоечката писта на тој аеродром или да се изгради нова писта на вториот лондонски аеродром Гетвик.