20 Април, 2024
0.0276

Дали навистина Алаѓозовски е голем трошаџија - Како се споредува со Канческа-Милевска?

Објавено во: Анализа 26 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски се најде на тапет кај повеќе медиуми како еден од функционерите кои потрошиле најмногу буџетски средства за угостителски услуги, со што во очи на најавената реконструкција сосема очекувано е да се размислува дека токму тој ќе биде еден од министрите кој може да биде разрешен и заменет со друг кадар.

Ако се погледнат трошоците преку најновата владина електронска алатка за отчетност на трошоците ќе се види дека само за угостителски услуги во земјава и странство и хотелско сместување во земјава и странство, Алаѓозовски има потрошено вкупни 178 илјади денари за шест месеци владеење во 2017 година. Бидејќи владата како референтна ја зема 2014 година за истиот период на владеење на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска од ВМРО-ДПМНЕ има потрошено речиси иста сума, односно за нијанса пониска со 165 илјади денари. Затоа пак, екс министерката потрошила дури 212 илјади денари за угостителски услуги при нејзините службени патувања. Новиот министер и со повеќе трошоци за хотели, сепак во странство потрошил скромни 72 илјади денари за угостителство во странство, што е три пати помалку во споредба со неговата претходничка. Алаѓозовски во странство има потрошени 76 илјади денари за дневници, а екс министерката 0 денари. За авиобилети пак, Канческа Милевска во овој период потрошила дури 473 илјади денари, а Алаѓозовки 196 илјади денари или двојно помалку. 

„Демантирам дека сум потрошил 9.000 евра по кафеани. Непрецизно е пренесена сметката од бифето на Министерството, од околу 430.000 денари. Тоа се трошоци од вода и кафе, за сите што не се вработени, а дошле како гости, како членови на комисии, тела, работни групи, амбасадори, синдикати, граѓани, уметници. Тие се формално фактурирани на име на министерот“, стои во реакцијата на Алаѓозовски со која се оправда за трошоците на министерството за култура.

Гледано само за трошоците направени за угостителски услуги во земјата преку надворешни угостителски објекти и за угостителски услуги преку мензи, бифеа и ресторани во институциите, министерството на Алаѓозовски потрошило 475 илјади денари во 2017 година. За истиот период во 2014 година, Елизабета Канческа Милевска како министерка стои зад потрошена сума од речиси идентични 487 илјади денари за истата ставка на трошоци.

Треба да се земе во предвид дека Алаѓозовски функцијата ја презеде на почетокот на јуни изминатата година кога всушност беше и формирана самата влада предводена од СДСМ, ДУИ и тогаш Алијансата за Албанците.

Исто така треба да се потенцира дека сите трошоци на Алаѓозовски пресметано според сите внесени ставки се речиси за половина милион денари пониски отколку кај неговата претходничка која стои за потрошени 1,5 милиони денари.

Автор: Христијан Станоевиќ