ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ПРЕМИЕРОТ ЌЕ МОЖАТ ДА ИМААТ ПО СЕДУМ КАБИНЕТСКИ СЛУЖБЕНИЦИ И ПО ПЕТ НАДВОРЕШНИ СОРАБОТНИЦИ - подготвен нацрт законот за административни службеници

Објавено во: Економија 13 Февруари, 2025 08:20
Подготвен е Нацрт законот за административни службеници, а овој обемен законски текст се најде и на платформата ЕНЕР. Станува збор за огромно законско четиво, а дел од законските одредби пренесуваме и во оваа анализа на Фактор.
Со овој закон, како што напишале и самите предлагачи, се уредуваат општите и посебните услови за пополнување на работните места на административните службеници, класификацијата на работните места, вработувањето, унапредувањето, мобилноста, оценувањето и одговорноста, нивното стручно оспособување и усовршување, но и други прашања поврзани со работниот однос на административните службеници.
Овој закон нема да се применува на државните службеници со посебни овластувања во Армијата, и тоа кај воениот и цивилниот персонал, потоа во Министерството за одбрана, ненаставниот кадар во високообразовните установи, вработените во Уставниот суд и вработените во Народната банка.
Законот предвидува дека административни службеници се лицата кои засновале работен однос во институциите заради вршење на административни работи согласно закон, како и заради вршење на работи од областа на државната и јавната безбедност, одбраната и разузнавањето и други работи заради кои се потребни посебни овластувања.
Во зависност од институцијата во која засновале работен однос и видот на работите кои ги вршат, административните службеници ќе се делат на државни службеници, посебни државни службеници, државни службеници со посебни овластувања и јавни службеници.
Државни службеници се лицата кои засновале работен однос заради вршење административни работи во органите на државната власт, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, како и другите државни органи основани согласно Уставот и закон.
Посебни државни службеници се лицата кои засновале работен однос заради вршење на административните работи во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, државната ревизија и ревизијата на инструментот за претпристапна помош, Собранието, Народниот правобранител, регулаторните тела и органите кои одговараат исклучиво пред Собранието и иинспекциските служби.
Државни службеници со посебни овластувања се лицата кои засновале работен однос заради вршење на работи од областа на државната и јавната безбедност, одбраната и разузнавањето и други работи за кои се потребни посебни овластувања согласно со закон, и тоа во МВР и органот во негов состав - Бирото за јавна безбедност, Министерството за одбрана, Агенцијата за разузнавање, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, судската полиција, јавно-обвинителската полиција, шумската полиција, органите во состав на Министерството за финансии – Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Управата за финансиско разузнавање, Армијата, Агенцијата за национална безбедност, Оперативно-техничката агенција и единиците за противпожарна заштита, односно органите за заштита и спасување.
И, јавни службеници се лицата кои засновале работен однос заради вршење на административни работи во јавните установи и јавните претпријатија кои се основани од државата или од општините.
Согласно новиот закон, Агенцијата за администрација ќе биде орган во состав на министерството надлежно да ги врши работите што се однесуваат државната управа.
Со Агенцијата ќе раководи директор кој го именува и разрешува министерот, а мандатот на директорот на Агенцијата ќе трае четири години со можност за уште еден последователен мандат. За својата работа и за работата на Агенцијата, директорот одговара пред министерот.
Работните места на државните службеници ќе се класифицираат во четири категории и тоа категорија А – секретари, категорија Б – раководни административни службеници, категорија В – стручни административни службеници и категорија Г – помошно стручни административни службеници.
Во рамките на категоријата А се утврдуваат следниве нивоа на работни места на секретар и тоа А1 со звање државен секретар, А2 со звање генерален секретар, и А3 со звање секретар.
Притоа, државен секретар се назначува во министерствата, а генерален секретар се назначува во сите останати институции кои вршат надлежности на власт на централно ниво, додека, пак, секретар се назначува во општините и во градот Скопје.
Со актот за систематизација на работни места на една институција не може во еден сектор да се систематизираат повеќе од двајца извршители на работно место помошник-раководител на сектор.
Она што е интересно во нацрт законот се одредбите за кабинетите на функционерите, но и за нивните надворешни советници.
Имено, претседателот на државава, потоа Собранието, претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата, министрите и генералниот секретар на Владата, имаат кабинети, а тие се состојат од кабинетски службеници и надворешни советници, се вели во нацрт законот.
Функционерот донесува решение со кое ги назначува кабинетските службеници, ги утврдува нивните кабинетски обврски, како и висината на додатокот на платата.
Кабинетските службеници се назначуваат од редот на државните службеници кои се вработени во институцијата најмалку една година и нивниот број не може да биде поголем од седум кабинетски службеници во Кабинетот на претседателот на државата, исти број, односно седум ќе бидат и во Кабинетот на претседателот на Собранието, а по еден во кабинетите на собраниските потпретседатели, седум кабинетски службеници во Кабинетот на претседателот на Владата, пет кабинетски службеници во кабинетите на замениците на претседателот на Владата, по седум кабинетски службеници во кабинетите на министрите кои водат министерства со над 200 вработени, по пет кабинетски службеници во кабинетите на министрите кои водат министерства од 100 до 200 вработени, по три кабинетски службеници во кабинетите на министрите кои водат министерства со помалку од 100 вработени и по пет кабинетски службеници во Кабинетот на генералниот секретар на Владата.
Сите овие кабинетските службеници, покрај обврските во кабинетот, ќе продолжат и со извршување на работните цели и задачи од работно место на кое се распоредени во институцијата.
„Назначувањето на кабинетските службеници може да биде за период најмногу до истекот на мандатот на функционерот кој ги назначува, а после тој период продолжуваат со извршување на работните задачи на работното место на кое се распоредени во институцијата“, се вели во нацрт законот.
Надворешен советник во кабинетот, пак, ќе биде лице ангажирано од функционерот за извршување на стручни работи, давање на стручни совети на функционерот за подобро извршување на функција и реализација на надлежностите на институцијата, вршење анализи за креирање или спроведување на политиките на институцијата и слично.
Надворешните советници нема да смеат на административните службеници во институцијата да им издаваат наредби, насоки, напатствија или на било кој начин да влијаат врз нивната работа.
Бројот на надворешни советниците во кабинетите не може да биде поголем од пет надворешни советници во Кабинетот на претседателот на државата, пет во Кабинетот на претседателот на Собранието, еден во кабинетите на потпретседателите на Собранието, потоа пет надворешни советници во Кабинетот на претседателот на Владата, по двајца во кабинетите на замениците кои не извршуваат истовремено и функција на министер, по пет во кабинетите на министрите кои водат министерства над 200 вработени, по три во оние чии министерства се од 100 до 200 вработени, по двајца во министерствата со помалку од 100 вработени и тројца во кабинетот на генералниот секретар на Владата.
При ангажирање на надворешните советници, функционерот треба да се раководи од правилата за спречување на судир на интереси согласно закон.
„Имињата, биографиите и висината на надоместоците на надворешните советници во кабинетите се објавуваат на интернет страницата на институцијата во која се ангажирани“, се наложува во предлог законот.
Надворешните советници се ангажираат за период најдолго до истекот на мандатот на функционерот кој ги ангажирал. Тие не засноваат работен однос во институцијата, а меѓусебните права и обврски со институцијата се уредуваат со договор.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Аргир во „Бизнис-клуб“: „Комората како двигател на економијата и мост помеѓу компаниите и државата“

ДОБРИ ДОМАЌИНИ ЗА ДОБРОТО НА КОМПАНИЈАТА - „Реплек“ ќе дели добра дивиденда, ама не се „расфрла“, еве колку ќе земат главните акционери

АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ НАСКОРО СО НОВ ДИРЕКТОР – Владата со повеќе огласи за раководни позиции

АЗЕСКИ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО И ЈА ПОДДРЖА НАМЕРАТА НА ВЛАДАТА ЗА ОДГОВОРНОСТ

АЛБАНИЈА ЗАБРЗАНО СЕ РАЗВИВА: Дали македонските граѓани одат таму на печалба?

ДОНЕРОТ ЌЕ ЧИНИ „САМО“ 12 ЕВРА, КИРИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКА СТУДЕНТСКА СОБА 800 ЕВРА: Енормно поскапување во Германија

ГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА АЛКОХОЛ СМИСЛУВААТ АЛТЕРНАТИВИ: Построги правила за царините на Трамп

И ТЕСЛА СЕ ПЛАШИ ОД ЦАРИНИТЕ: САД внимателно да ја разгледаат својата трговска политика

УНИШТЕНИ ДЕСЕТИНА КИЛОГРАМИ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА! Еве што велат од АХВ
