Проектите за Галичица, погубни за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2016
Под мотото „Едно е вредно е !“, еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, почнува кампања за зачувување на Охридскиот регион. Од здружението посочуваат дека причината за кампањата е низата проекти што Владата ги најави за реализација токму во Охридскиот регион. Дел од проектите се изградба на магистралниот пат во Националниот парк „Галичица", изградба на ски центар, голем хотел и викенд населба исто така во НП „Галичица", пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани, и други. Сите овие проекти според здружението ќе имаат разорно влијание врз природните вредности на Охридскиот регион. Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека поради реализацијата на овие проекти Охридскиот регион може да го изгуби статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО. Да се најде едно подрачје на листата на „Светско наследство во опасност" е еден од низата чекори до бришење од листата на светско природно и културно наследство, вели во интервју за Фактор Миа Лозановска од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.
Фактор: Која е причината за започнувањето на кампањата за спас на Охридскиот регион?
Лозановска: Причината за започнување на кампањата „Едно е! Вредно е!“ се планираните проекти, кои доколку се реализираат може да ги уништат исклучителните универзални вредности на нашето единствено светско природно и културно наследство на Охрид. На листата на проекти се вбројуваат: пресушување на Студенчишкото Блато кое е единствен природен филтер на езерото, медитеранска плажа за која ќе се отстрани голем дел од појасот на трски долж крајбрежјето, инфраструктурни зафати на територија на самите извори кај Св. Наум, Љубаништа, како и масивните зафати во најсензитивните, високо заштитени зони на Галичица, за изградба на магистрален пат и ски-центар со туристички комплекс.
Фактор: Како сите овие проекти што се најавени дека ќе се реализираат, ќе влијаат врз животната средина, односно врз флората и фауната во Охридскиот регион?
Лозановска: Експертите потврдија дека овие проекти ќе имаат разорно влијание врз природните вредности на Охридскиот регион. Станува збор за нанесување штети од голем размер на нашето древно езеро, кое успеало да опстои 2-5 милиони години и кое не би можело да продолжи да опстојува доколку се реализираат овие проекти. Езерото е дом на ретки и уникатни форми на живот, кои се среќаваат единствено тука и претставуваат сведоштво за долгата еволуција. Националниот Парк ,,Галичица’’ е eдна шаренолика целина со специфичен карстен релјеф, разновидни геолошки форми како што се пештерите и пропастите, и широк спектар на диверзитет кога станува збор за видовите флора и фауна која ја населуваат. Голем дел од нив се директно или индиректно засегнати од планираните проекти за градење. Дополнително е тоа што ќе се измени ликот и амбиентот на ова уникатно подрачје и целосно ќе се наруши естетско-пејзажната вредност на регионот.
Фактор: Каков е ставот на УНЕСКО по однос на овие проекти, со оглед на тоа дека токму Охридскиот регион е заштитен од УНЕСКО?
Лозановска: Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на последната 40-та сесија во Истанбул, во јули 2016-та година го потврди ставот за потенцијалните негативни последици од најавените проекти со тоа што изрази сериозна загриженост за иднината на нашето единствено УНЕСКО подрачје и ја истакна можноста во 2017-та година Охрид да се најде на Листата на „Светско наследство во опасност". Всушност, дента кога беше донесена ваквата одлука ние ја започнавме оваа кампања за зачувување на нашето единствено УНЕСКО подрачје.
Фактор: Постои ли опасност Охридскиот регион да биде избришан од списокот за заштита поради овие проекти?
Лозановска: Секако дека постои, со оглед на тоа што проектите за градење вклучуваат крупни зафати во високо заштитените подрачја на Националиот Парк ,,Галичица’’, долж брегот на езерото, како и во самото езеро. Да се најде едно подрачје на листата на „Светско наследство во опасност" е еден од низата чекори до бришење од листата на светско природно и културно наследство.
Фактор: Што значи за еден регион да е заштитен од УНЕСКО?
Лозановска: Тоа подразбира дека регионот поседува исклучителни универзални вредности, како светски стандарди, преку кои илјадници експерти налагаат негова заштита, зачувување и мудро управување. Целта е таквото уникатно подрачје, кое е сведоштво за долгата еволуција и кое успеало да опстои како такво милиони години, да го пренесеме на идните генерации. На ова се надоврзува и фактот што самиот УНЕСКО статус претставува унизерзален печат за Охридскиот регион и редовно привлекува голем број странски туристи.
Фактор: Како планирате да ја спречите реализацијата на овие проекти, дали досега сте имале средби со надлежните институции или пак сте испратиле ваше мислење по однос на проектите до институциите?
Лозановска: Редовно ги следиме сите постапки во донесувањето на плановите за градење уште од самиот почеток. Тоа подразбира присуства на јавни расправи, доставување на коментари и стручна еколошко-правна анализа, средби со надлежните министерства и сл. Не верувам дека некого ќе го зачуди тврдењето дека иницијативата за заштита на природата во нашата земја е често занемарувана од надлежните институции. Особено кога станува збор за крупни инвестиции и мегаломански проекти каде големи суми се во игра.Бараме поголема транспарентност во донесувањето на ваквите одлуки кои се круцијални за опстојувањето на Охридското Езеро и регионот и приближувањето на податоците за она што се планира да се гради до граѓаните, како и вредноста на она што сме на пат да го загубиме, е само почеток во борбата за негова заштита. Понатаму, нудиме и активности каде и со учество на граѓаните и пошироката маса во земјата ќе побараме долгорочна заштита на регионот.
Фактор: Кои се вашите барања, спомнувате мораториум за сите овие проекти?
Лозановска: Да, мораториум на деструктивните проекти е една од водечките цели кои сакаме да ги постигнеме со кампањата. На таа цел се надоврзува и барањето до парламентарците целосно и доследно да се спроведе Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, кој е усвоен уште во 2010-та година. Овие цели ги бараме во согласност со граѓаните на Македонија, кои ги потпишуваат картичките за спас на Охридскиот регион, како една од главните активности на кампањата.
Фактор: Очекувате ли да имаат слух надлежните институции?
Лозановска: Очекуваме и се надеваме дека ќе има одзив на нашите барања, земјаќи го во предвид фактот дека станува збор за нашето најголемо природно национално богатство, ако не и најголемото национално богатство, воопшто.
Фактор: Пред извесен период спроведовте и иницијатива за потпишување на петиција за спас на Охридското езеро, каков беше одзивот?
Лозановска: На петицијата има околу 18.000 потписници, што би можело да се смета за добар одзив. За жал, тоа е благодарение, најмногу, на странските потписници, односно илјадниците туристи кои преку бројни коментари го изразуваат својот револт кон планираните проекти и се изјаснуваат дека нема да го посетуваат Охрид доколку истите се реализираат.
Т.С