ПРОФЕСОР БИЛЈАНА АНГЕЛОВА, ВТОРА ЖЕНА РЕКТОР НА УКИМ: „Убедливата победа носи голема одговорност“
Објавено во: Македонија 31 Мај, 2023
На чело на најстариот
и најуспешниот Универзитет во Македонија, „Свети Кирил и Методиј“ застанува
професорката од Економскиот Институт, Билјана Ангелова, која по вчерашниот
избор за ректор извојува убедлива победа пред останатите пет кандидати.
Во одлуката на Униварзитетската изборна комисија се наведува дека според доставените резултати од страна на изборните комисии од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за ректор на УКИМ во мандатниот период 16 септември 2023 - 15 септември 2026 година е избрана проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, со добиени 392 гласа, односно освоила1.958.681 поени.
Разликата помеѓу гласовите на професорите Христина Спасевска и Димитар Ташковски е само 5 гласа - вкупно 187 професори и студенти гласале за професорката Спасевска, додека пак 192 гласа за Ташковски, кои доаѓаат од ФЕИТ. Горан Ајдински од Филозофскиот факултет на денешните избори за ректор освои 181 глас од вкупно 1.419 гласачи, 152 гласови доби професорот Атанас Кочов и 118 за професорот Дуев.
Во разговор за Фактор, проф. Ангелова изрази голема благодарност на сите оние и ја дадоа поддршка и довербата, но сега, како што вели, доаѓа големиот предизвик да се спроведат низа активности кои ги вети во нејзината програма.
-Она што сакам да го истакнам е дека ќе бидам отворена за соработка со сите членови на академската заедница на УКИМ, со сите поддржувачи но и со оние кои во овој момент ја дадоа довербата на останатите кандидати, бидејќи само сплотени можеме да направиме повеќе. Како што кажав и многу пати досега, уверена сум во капацитетите на УКИМ, силата на УКИМ е во луѓето и сите заедно ќе се стремиме кон заедничките цели, да го дигнеме угледот на Универзитетот и да го позиционираме таму каде што припаѓа – во европското семејство на универзитети. Се радувам на убедливата победа, но таа победа носи голема одговорност, бара огромна посветеност, многу работа и многу откажувања. Имав можност во мојот седумгодишен период како проректор за финансии да го согледам функционирањето на Универзитетот од сите аспекти и во сите пори. Тоа прилично ја олеснува работата на новата функција. На оваа позиција не доаѓам за некакви привилегии, како што многумина ја толкуваат, туку само со искрена желба да се сработи планираното па и повеќе за да се подобриме и да успееме во сите зацртани цели, посочува таа..
Вели дека УКИМ е исправен пред повеќе предизвици во различни сфери, кои секој од нив на свој начин придонесува за ефикасно функционирање на Универзитетот и за неговиот просперитет.
-Обезбедувањето на целосна финансиска и кадровска автономија во голема мерка ќе го олесни ефикасното функционирање на Универзитетот и затоа приоритетно ќе се заложам за нивно решавање. Но паралелно мора да се работи на инвестиции во научно-истражувачката инфраструктура и вмрежување на Универзитетот, бидејќи тие се клучни за поголема научно-истражувачка продуктивност и повисок на ранг на угледните светски универзитетски ранг листи. Истовремен со овие клучни активности, УКИМ ќе се трансформира и модернизира. Дигиталната трансформација и управување со квалитет ќе бидат нови процеси кои мора да се имплементираат за да се создаде поволна клима за реформи во наставата, науката и меѓународната мобилност.
-Ќе направам максимални заложби за партиципирање во користењето на Европските можности за инвестиции во истражување и развој, во синергија со ЕУ програмите кои финансираат наука и истражувања. Во делот на науката ќе настојувам да обезбедиме поголема научно-истражувачка продуктивност преку пристап до платформите на „отворена наука“ и до истражувачката инфраструктура поврзана на Европскиот облак за отворена наука. Мобилноста на истражувачите мора да се подржува, а посебно финансиски ќе се поддржуваат истражувачите во рана и средна фаза. За унапредување на меѓународната соработка на УКИМ фокусот ќе биде ставен на зголемување на студентската и академската мобилност и за пристапување кон Европските алијанси на Универзитети, вели професорката.
Проф. д-р Билјана Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.
Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.
Од септември годинава ја презема функцијата ректор како втора жена во историјата на УКИМ по професор Радмила Кипријанова која на чело на УКИМ беше од 1995 до 1998 година.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.