ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ЈАПОНСКО ЈАБОЛКО: Оставени сме на ветрометина

Објавено во: Агробизнис 29 Април, 2018
По цела година напорно работење на плантажите, во борба со суровата клима која од година во година е сè понеповолна, огромни трошоци за полевање, недостиг од работна рака за берба, на крајот се соочуваме со трговците кои се трудат да заработат пет пати повеќе од нас производителите, и без никаква државна помош оставени сме на ветрометина, раскажува Димче Балески од Валандово кој произведува органско јапонско јаболко.
Тој вели дека се уценувани за цената, им се исплаќаат парите за период од 6 до 10 месеци без никаква гаранција.
„Оставени сме сами на себе и за жал неорганизирани, за разлика од трговците кои секои два дена се собираат на состаноци за да се договорат колку да ја симнат цената. Дали може добро да се заработи? Тоа е реторичко прашање. Производството е за оној пазар кој ќе плати поквалитетно, а досега имаме извезувано за Словенија, Италија, Швајцарија, Германија и Русија“- вели Балески.
Од 2003 година почнале да се занимаваат со производство на јапонско јаболко на површина од 5 декари со 250 стебла.
Веќе во 2004 година почнале со сертификација и станале први фармери кои се занимаваат со органско произдство во земјата.
„Во моментов имаме околу 1500 стебла, на површина од околу 35 декари и тоа на две локации, едната во самиот град Валандово, а другата на 6 км на место викано Армија. Јапонското јаболко во Валандово се одгледува уште во 1956 година. Првите садници ги донел тогашниот комунистички лидер Лазар Колишевски од некое негово патување во Јапонија. Затоа кај нас се викаат јапонски јаболки, во Бугарија ги викаат рајски јаболки, во Русија хурми, а во англиското говорно подрачје ги викаат персимон или каки кое доаѓа од латинското име Diospyros kaki или во превод храна на богови. Колишевски во тоа време ги дал садниците на Семеиспитителен институт во село Јосифово, и наредил да се продолжи со размножување на ова овошје. Во средното Земјоделско училиште Каме Полизов се засадени првите јаболки на 3 декари кои и ден денес раѓаат. Ако имаме насади стари по 60 години, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека во Валандово условите се идеални“- додава производителот.
Инаку Валандово е познато и по калинките, смоквите, но и по големи површини под винско грозје и раноградинарски култури.
Сања Атанасовска