02 Декември, 2024
0.0246

ПРОИЗВОДСТВО НА ТУТУН: Порано од него луѓето граделе куќи, а денес само преживуваат

Објавено во: Агробизнис 24 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Производителите на тутун велат дека во минатото оваа работа била доста исплатлива и во рок од две – три години успевале со напорна работа, да изградат куќа, или да купат автомобил и друга механизација, а денес можат само да преживеат. 

Проблемот велат не е во ниската откупна цена, туку во високите производствени трошоци кои се зголемени за разлика од порано. Денес производителите на тутун купуваат поскапи репроматеријали, ѓубрива, конци, најлони и друго. Додаваат дека оваа работа е напорна, бара многу труд, но денес нема заработка од која тутунопроизводителите би биле задоволни.

„Од сите земјоделски гранки, оваа бара најмногу труд. Се знае дека летно време тутунот се бере рано, стануваме во 3 или 3.30 часот наутро за да одиме на нива, затоа што тутунот не трпи сонце. Знаете дека 90 отсто од работата се врши рачно. Работам тутун од мои 18 години, а денес имам 43, што значи цел живот. Порано со парите од тутун луѓето можеа да купат автомобил, да направат куќа, не за една година нормално, но за две до три години тоа се постигнуваше, а денес за жал само се преживува, не се живее, туку се преживува од тутунот“, вели Николче Илиевски од селото Добрушево, Општина Могила.

Илиевски има засадено тутун на два хектари површина, и работи со својата сопруга и мајка. Вели дека оваа година тутунот има добар квалитет поради поволните временски услови.

„Времето беше добро, и затоа имаме навистина квалитетен тутун, но во помали количини. Значи имаме квалитет, но немаме квантитет. Лично јас смета дека оваа година тутунот ќе има откупна цена по килограм од 230 до 240 денари, а лани беше во просек 217 денари. Претходните неколку години цената беше во ред, за оваа уште е рано, не знаме по колку ќе се откупува, затоа што допрва ќе даваме мостри и потоа ќе ја знаеме цената“, вели тој.

Сепак, производителите на тутун се плашат дека легалниот увоз на тутун, може да придонесе до тоа да падне цената на домашниот тутун.

Тие имаат неколку проблеми со кои се соочуваат, а тоа е доцнење на субвенции, не земаат зелена нафта и ред други работи за кои викендов на протест во Скопје ќе побараат помош од надлежните. Земјоделците в сабота ќе бидат на протест пред Владата, а со нив и тутунарите.

Сања Атанасовска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.