Промовирана граѓанската кампања „Ние одлучуваме“ - за што се работи?
Објавено во: Македонија 26 Октомври, 2016
Пред Собранието денеска беше промовирана граѓанската кампања „Ние одлучуваме“, која треба да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Акцијата треба да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и на институциите за изборни цели, како и заканите и заплашувањето кон граѓаните за остварување на своето избирачко право. На прес-конференцијата говореа активистите Драган Додевски, Ирена Стериовска и Љуми Бекири.
„Преку весникот „Ние одлучуваме“ граѓаните ќе бидат потсетени за состојбите во здравството, образованиетом сиромаштијата, невработеноста. Ги поттикнуваме граѓаните да глассаат на 11 декември затоа што бараме промени, можеме подобри, ние одлучуваме“ - изјави Стеријовска.
Сите граѓани можат да ја користат бесплатната СОС-телефонска линија 0800 88888, која ќе биде достапна од 9 до 21 часот секој ден, за да пријават нерегуларности и злоупотреби. Активистот Љуми Бекири ги повика особено младите да излезат да гласаат. Тој вели дека политиката им припаѓа ним и на сите граѓаните, а не само на политичарите. „ Младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање“ – рече младиот Бекири. Акцијата ќе се спроведува на целата територија на државата. Дел од неа ќе бидат голем број граѓански здруженија од сите градови.