Првата група од 320 деца замина на бесплатен одмор
Објавено во: Мои пари 25 Јуни, 2013
На бесплатен одмор и рекреација, денеска замина првата група од 320 деца од повеќе градови од Македонија. Сто и дваесет деца ќе летуваат во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга, а 200 на Пелистер.
На секои седум дена во претстојните два месеца ќе се испраќаат нови групи деца, со што вкупно ќе летуваат 2.000 деца. Во зимскиот период е планирано на одмор да заминат уште 1.000 деца.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска на Меѓуградската автобуска станица во Скопје ја испрати првата група деца кои ќе ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација. Дечињата се од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за 2013 година.
„Проектот опфаќа повеќе активности, воспитно-образовни, спортско-рекреативни и културно-забавни кои на децата ќе им ги исполнат деновите“, рече Спасов и им се заблагодари на родителите кои се приклучиле во овој проект.
Сузана Тунева Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје информира оваа година децата ќе имаат многу поквалитетен одмор, што ќе го организираат 60 волонтери во текот на овие два месеца.
„Ќе бидат вклучени волонтери од 15 општински организации на Црвениот крст ширум државата. Волонтерите поминаа одредена обука и подготвени се да го организираат слободното време на децата кои ќе ги поминуваат годишните одмори во одморалиштата „Мајски цвет“ во Струга и на Пелистер“, рече Тунева Пауновска.
Таа истакна дека програмите се прилагодени согласно потребите на децата. Програмата во „Мајски цвет“ изобилува со дополнителни активности, школа за пливање, активности за безбедност на вода, игри на плажа и рекреација, а ќе има и креативни работилници. Децата кои ќе го поминат годишниот одмор на планина ќе имаат можност да се запознаат со убавините на планината и ќе имаат работилници.